Победата на Петер Маѓар и неговата партија Тиса на парламентарните избори во Унгарија претставува сериозна пресвртница по 16 години власт на Виктор Орбан, отворајќи нова политичка ера со директно влијание врз односите на државата со Европската унија и Русија.
Во Брисел имаат големи очекувања од него, но аналитичари предупредуваат дека ЕУ може да добие „шамар“, затоа што Маѓар во некои прашања има слични ставови со Орбан, а во однос на политиката за миграцијата е многу поостар.
Во однос на Украина, исто така ставовите на Маѓар се слични со оние на Орбан, и тој не поддржува испраќање оружје и брз влез во ЕУ.
Во однос на внатрешната политика, новата власт на Тиса најавува пресметка со корупцијата и приклучување кон Европското јавно обвинителство, како и обид за деблокирање на европските фондови со цел стабилизација на економијата и намалување на инфлацијата и буџетскиот дефицит. Воедно, Маѓар се обидува да го надмине јазот меѓу конзервативниот рурален дел и либералната Будимпешта, задржувајќи дел од традиционалните вредности, но со проевропски курс.
На европско ниво, се очекува крај на честото користење на ветото од страна на Унгарија, што ќе овозможи побрзо носење одлуки во Европската унија. Сепак, и покрај најавената енергетска диверзификација, новата власт не планира брз прекин на зависноста од руски енергенси, туку постепено намалување со рок до 2035 година. Исто така, иако се очекува поддршка за финансиска помош за Украина, Маѓар најавува дека нема да испраќа воена помош и оружје.
Аналитичарите предупредуваат дека, и покрај промените, Унгарија нема да биде „лесен партнер“ за Брисел, особено поради ставовите на Тиса против европската миграциска политика и задржувањето на одредена дистанца од целосно усогласување со европските позиции.






