Поддршка на Здружението на музички педагози на Македонија и за развојот на музичкото образование кај децата во наша земја изрази Европскиот сојуз на музичките училишта. Во писмото кое е испратено до македонските музички педагози во врска со промените во концептот на основното образование во наша земја се потенцира значењето на музичкото образование.
Европскиот сојуз на музичките училишта е организација која обединува 25 национални сојузи на музички училишта и зборува во името на 600 училишта, 150.000 наставници и 4 милиони ученици.
-Како таква организација ние му го придаваме најголемото значење на музичкото образование не само во музичките училишта, туку и на музиката во училиштата, особено во основните училишта и развиваме тесна соработка со Европското здружение за музика во училиштата. Денес е општо прифатено и научно докажано дека музичкото образование развива кај децата не само уметнички, туку и образовни, социјални и граѓански способности. Музиката помага децата да го развијат и зајакнат нивниот карактер и ги подобрува нивните училишни резултати, се вели во писмото.
Во него се додава дека заради сите наведени причини, тие го поддржуваат развојот на музичкото образование низ цела Европа, и во музичките училишта и во училиштата воопшто.
-Се надеваме дека тоа ќе биде случај и во Република Северна Македонија и ќе Ви бидеме благодарни ако не информирате за развојот на состојбата во Вашата земја, се вели во писмото на Филип Даларун, претседател на Европскиот сојуз на музичките училишта упатено до Здружението на музички педагози на Македонија.
Нашето Здружение неодамна се спротивстави на предложениот концепт со кој се планира само еден час по уметност во кој ќе бидат вклучени предметите ликовна и музичка култура, со што значително се намалува фондот на часови на предметните наставници.
-Со новата концепција сметаме дека е направена неправда, наместо да се зголеми фондот на часови, тој се намалува. Сметаме дека фондот на часови по предметот Музичко образование треба да се зголеми со тоа што предметните наставници ќе предаваат од прво до девето одделение. Според предлогот на новата концепција,сметаме дека се оштетени наставниците, а директно и учениците кои ја губат уметничко-духовната компонента, стои во реакцијата на Здружение на музички педагози.