Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е дискриминирана во затворот „Идризово“ кадешто издржува четиригодишната затворска казна. Ова го утврдила Комисијата за заштита од дискриминација, според која, постои директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкции кон осуденичка од женски пол.
-Подносителката е ставена во понеповолна положба во однос на осудениците од машки пол во поглед на користење на дел од погодностите на осудените лица, пропишани со член 218 од Законот за извршување на санкции, велат меѓу другото во извештајот од Комисијата.
Од КЗД велат дека на Јанкулоска ѝ биле оневозможени посети надвор од установата, одмор, како и работно ангажирање. Според нив „станува збор за погодност кое може да се користи ако осуденото лице одлежало третина од казната или пак има примерно поведение“.
Вакво мислење на 16 март донела Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, постапувајќи по претставка од Гордана Јанкуловска поднесена на 22.12.2022 година, преку адвокатот Влатко Илиевски, кој е и нејзин сопруг, против Управата за извршување санкции.
Комисијата усвоиле и Препорака, во која препорачува Управата за извршување санкции, во соработка со други релевантни органи, во рок од шест месеци да подготват Акциски план со извори на буџетирање, за адаптирање, реконструкција и конструкција на установи од полуотворен и отворен вид за жени осуденички.
-Препораката е во насока на обезбедување еднакво остварување на правото за прогресирање во установите на казнениот систем на сите осуденици без разлика на нивниот пол, се вели во овој документ, што го потпишал претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Камбери.
Инаку, Гордана Јанкуловска, осудена за случајот „Тенк“, издржува затворска казна во времетраење од четири години, од 28 септември 2020 година, во „Идризово“. Иако има издржано речиси две третини од казната, досега нема добиено ниту еден ден отсуство или каква било друга привилегија.
Пресудата во случајот „Тенк“ е изречена бидејќи Судот сметал дека при набавката на службениот „мерцедес“ за поранешниот премиер, Никола Груевски, Јанкулоска ја злоупотребила службената положба и овластувања при што била нарушена и тендерската постапка бидејќи бил фаворизиран еден економски оператор. Судиите застанаа на ставот дека Јанкуловска со умисла го поттикнала нејзиниот заменик Ѓоко Поповски да стори кривично дело „злоупотреба на службената должност“. За ова Поповски беше осуден на шест години и шест месеци затвор, а второобвинетиот, поранешен премиер Никола Груевски како поттикнувач за сторување на делото е осуден на две години затвор. Судит утврдил дека во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес”, модел „С-600 гард”, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес”.
Ова возило, инаку, и сега се користи од страна на владините служби за репрезентативни потреби.



