Темен режим Режим на светлина

Хелсиншки со иницијатива до Уставен суд: Законските измени за „Бехтел и Енка“ ги ограничуваат и оневозможуваат работничките права

Законските измени поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ ги ограничуваат и оневозможуваат работничките права, смета Хелсиншки комитет. Ова организација за заштита на човекови права на 4 јули годинава достави иницијатива до Уставниот суд на РСМ за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (ЗРО), поврзани со изградбата на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

-Станува збор за намалување на траењето на дневниот и неделниот одмор во стратешки проекти, но имајќи го предвид актуелниот повод за измените во законот, се работи за градежништвото, каде работата се извршува на отворено, во секакви временски услови и бара исклучителни физички напори. Воедно се работи за извршување работи и работни задачи каде што има највисок степен на ризик по безбедноста и здравјето при работа поради изложување на штетни материи и изложување на опасни активности за кои се потребни посебна психофизичка подготвеност и луцидност во извршувањето. Тоа е класична експлоатација на работната сила, која излегува од рамките на хуманизмот и хуманиот третман на човекот и граѓанинот што подразбира вреднување на човечкото суштество и човековата состојба, се наведува во соопштението.

Иницијативата, како што велат од Хелсиншки е поднесена поради сторена повреда на повеќе уставни одредби и повреда на темелните вредности на уставниот поредок.

Првата одредба е начинот на исплатата на платата на работниците кои работат на вакви проекти. Во соопштението се посочува дека начинот на кој се регулира исплатата на плати, односно дека „Министерството за финансии во согласност со Министерството за труд и социјална политика го пропишува начинот и местото на исплата на платата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон“ создава правна несигурност.

-Ниту еден работник во иднина нема да има гаранција дека правата од работен однос, вклучувајќи го тука и правото на плата, ќе може да ги остварува согласно закон и колективен договор, кога министер како член на извршната власт може да утврдува правила кои се поинакви од гаранциите кои ги нудат Уставот и законот. Тие гаранции мора и во иднина да се одржат и тука улогата на Уставниот суд е пресудна. Секое застранување од трасата на строго регулирани права од работен однос инстантно ги укинува сите гаранции кои Уставот и претходните законски решенија цврсто ги поставуваат – појаснуваат од Хелсиншки.

Втората е прекувремената работа, со која во законските измени се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно за работа на проекти од стратешко и национално значење. Тие посочуваат дека Законот му овозможува на работодавецот да утврдува организира работни денови кои може да траат и до 12 часа по 6 дена во неделата што на ниво на цела година во која има 48 работни недели нè доведуваат до 1.152 работни часа прекувремена работа.

По исклучок од членот 117 ставови (1), (2) и (7) од овој закон за работа на проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а заради потребата од континуитет во работата, прекувремената работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно со претходна дадена писмена согласност од страна на работникот.“ Ова доведува до правна несигурност бидејќи остава простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа без притоа да се утврди горна граница, и притоа сето тоа без веќе утврдената потреба од постоење на посебни околности во кои може да се утврди прекувремена работа подолга од 8 часа неделно или 190 часа на годишно ниво. Законот му овозможува на работодавец (кој без законска рамка е прогласен за носител на проект од стратешко национално значење) да утврдува и организира работни денови кои може да траат и до 12 часа по 6 дена во неделата што на ниво на цела година во која има 48 работни недели нè доведуваат до 1.152 работни часа прекувремена работа, без организирање на смени. Ако се организира работата во смени, просторот за манипулација со прекувремената работа, без никакви ограничувања може да значи и работа и 7 дена во неделата. Всушност работникот теоретски и потенцијално знае колку треба да работи минимум, меѓутоа максимумот е неодредено и непредвидливо поле кое има широк простор за интерпретација.

Исклучок од правилото „недела неработен ден“ како трета одредба, од Хелсиншки велат дека предизвикува неограничено и недефинирано проширување на која било дејност што без претходно утврдени критериуми би се дефинирала како работа од стратешко национално значење.

-Со ваква недефинирана форма се создава простор за широко толкување и злоупотреба на која буквално не може ни приближно да ѝ се предвидат границите. Работници од која било гранка односно дејност за кои не важат овие правила со актуелните законски решенија, преку дефинирање на одреден проект како проект од стратешко национално значење се ставени во позиција на промена на условите под кои ги извршуваат своите работни задачи, што доведува до правна несигурност во непредвидливи размери и дејности, а воедно би довела до нееднаквост на работниците во една иста дејност кај различни работодавци, во зависност од вклученост во одреден проект на кој му е утврден карактер од стратешко национално значење, додаваат од Хелсиншки.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Владата упорно смирува, СДСМ упорно шири паника за поскапувања, има ли тука политичкото профитерство?

На едно семејство за минимални месечни трошоци му се потребни 48.543 денари

Следна објава

Девојче од Скопје искасано од кучиња скитници