
Проблемот со платите на пожарникарите се уште трае. Но, сега се најавува дека постои политичка волја за надминување на проблемот и кај ЗЕЛС и кај Владата на РСМ, постојат буџетски средства, а постои и дијалог и со ССМ и со Независниот синдикат на пожарникарите. Ова го изјави градоначалникот Петре Шилегов по денешната средба со скопските пожарникари.
Во просториите на Градот Скопје денеска продолжи социјалниот дијалог со претставниците на скопските пожарникари за решавање на настанатиот проблем и изнаоѓање нови решенија за нивните синдикални барања.
-На денешниот состанок разговаравме како да стигнеме до брзи решенија за исплата на додатоците на плата кои се однесуваат на ризикот и опасноста при работа согласно со кои припадниците на противпожарната бригада треба да примат 20 отсто повисока плата, почнувајќи од 2014 година, но и за системски решенија кои ќе подразбираат законски измени во Собранието кои ќе овозможат повеќе средства за пожарникарите. Проблемот е настанат за време на владеењето на претходната власт, но тоа не значи дека оваа власт нема да го реши, рече Шилегов.
На состанокот, на пожарникарите им беше понуден нов правилник за плата и беше договорено социјалниот дијалог да продолжи наредната среда.