Постои опасност од ревидирање на македонската наука, колективната меморија на македонскиот народ. На ова денеска предупредија историчарите од Здружението на историчари на Македонијана почетокот на серија трибини и дебати по повод 150-годишнината на раѓањето на Гоце Делчев. За историчарот Тодор Чепреганов договорот кој е постигнат со Бугарија е асиметричен и на штета на Македонија.
– Бугарите не признаваат македонска нација, јазик, историја, традиција, а две комисии преговараат. Како што преговараат? Како Бугари со Бугари или Македонци со Бугари? Бугарите ни прават ревизија на сè што како колективна историја го има македонскиот народ, рече Чепреганов.
Тој предупреди дека е загрижувачки што Бугарија го оспорува и нашето славење на 11 Октомври, Денот на македонското востание.
-Ако го изгубиме 11 Октомври, немаме ни народ, ни фашизам, па ни антифашизам. Значи, немаме АСНОМ. Се губи македонската државност. Дури во еден момент може да испадне дека македонските партизани биле терористи кои во сопствената држава биле сепаратисти кои се бореле против тогашната бугарска власт, укажа тој.
За професорот по филозофија Трајче Стојанов, бугарските барања се продолжение на договорот од Преспа.
– Бугарското вето е продолжение на Преспа, тоа е продолжение на историското омеѓување на македонизмот. Нив им треба македонизмот да го одржат бугарскиот национален мит, но и за да се престројат на вистинската страна на историјата, односно на антифашизмот, наведе Стојанов.
Во дискусијата на историчарите беше потенцирано дека македонскиот идентитет не може да биде заштитен во услови кога се преговара за неговата историска содржина.




