Преку работни групи ќе се прават конкретни чекори за решавање на проблемите на матичните лекари. Oва е договорот со кој денеска се прекина протестот на матичните лекари кој започна денес изутрина. Денешната средба имаше помеѓу заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски и претседателката на Здружението, Лилија Чолакова Дервишова.
Рендевски изјави дека се увериле дека во примарната здравствена заштита од 1463 медициски тимови околу 500, односно една третина се на работ на егзистенција.
-Практично добиваат едвај загарантирана минимална плата за тимот доктор/сестра, рече Рендевски и најави дека што е можно поскоро ќе изнајдат решение за да бидат докторите и мотивирани и да останат да работат во интерес на пациентите.
Во однос на поплаките на лекарите за казнената политика Рендевски рече дека ќе се потрудат во иднина за административни грешки да нема парични казни, туку лекарите да добијат само опомена.
Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матични лекари, рече дека ќе ги прекинат протестите и дека на состанокот ги пренеле нивните барања.
-Побаравме заедно со Лекарската комора во работните групи да има човек што ги разбира работите и на оваа прва средба со заменик министерот добивме поддршка од него и позитивен став кон нашите барања. Кажавме и за проблемот со режимот на пропишување, проблемите на малите амбуланти, рече Чолакова Дервишова.



