Изгаснат пожарот во Универзална сала, министерката за култура смирува: објектот е осигуран

Изгаснат е големиот пожар кој утрово избувна во скопската Универзална сала. Повеќе противпожарникарски екипи успееја да ги „потопат“ големите пламени јазици кои најмногу ја зафатија централната купола на салата која беше поставена пред само десетина дена.

Според сознанијата, во објектот во моментот на избивнувањето на огнот немало никој. Две жени од соседните згради биле префрлени на Клиниката за токсикологија поради вдишување чад кој навлегол во нивните живеалишта откако пукнале прозорците.

Засега не е позната причината за големиот пожар кој го зафати објектот кој се прави-реновира со години.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска изјави дека Универзалната сала, во моментот на избувнувањето на пожарот била празна.

-Нема жртви, нема повредени, објектот беше празен. Пред да се продолжи со градба ќе се утврди релевантно причината, ќе се санира штетата и ќе се продолжи со градба. Сакам да потенцирам дека објектот беше осигуран, рече таа.

Градоначалник на Центар Горан Герасимовски соопшти дека веќе не постои опасност по другите објекти.

Апелирам граѓаните да го избегнуваат овој дел од градот додека трае интервенцијата. Исто така апелирам да не се шират шпекулации додека да се добијат официјални информации што е причината за пожарот, објави тој на Фејсбук.

Колку е оштетена конструкцијата на салата и дали по силниот пожар ќе може да се продолжи со градбата – останува да се види и истражи.

Претходна вестГрад Скопје: Две години зборуваме дека проектот за Универзална сала е погрешен и небезбеден
Следна вестГи терал децата да питачат по Скопје и Велес па парите ги трошел во казино