Јубилеен 200-ти број, околу 5,3 милиони поделени бесплатни примероци во македонската метропола, стотици и стотици статии, фотографии и други најразлични новинарски прилози во текот на изминативе години…, е отчет со кој неделникот „Скопско Ехо“ денеска излегува пред граѓаните. За првиот бесплатен весник во градот Скопје ова е значаен ден кој покажува дека единствената цел – да се биде во служба и функција на граѓаните – трае и е прифатена од скопјани. Таа своја мисија „Скопско Ехо“ ја прави уште од првиот ден откако се отпечати и, во четвртоците, почна да се дели по јавни места, како и во поштенски сандачиња низ Скопје. А таа мисија е водена превенствено со желбата на граѓаните да им се понуди квалитетен и најшироко достапен весник кој ќе се бори за подобар град, за подобар живот во него, за…
Другата желба беше весникот да биде местото каде самите скопјани ќе зборуваат за тоа што му фали на градот, што треба да се направи… Од кого може да дојдат најдобрите идеи и предлози? Од самите граѓани, од оние кои секојдневно се соочуваат со проблемите и кои размислуваат за нив, но чии идеи треба и да бидат пласирани во јавност.
Весникот за прв пат се појави на 26 октомври 2016 година со својата препознатлива концепција и содржини посветени на важни градски теми – но и по некоја државна, интервјуа, граѓани во улога на градоначалници, граѓански здруженија, талентирани ученици…
Статистички гледано, излегува дека во целиот овој период секој скопјанец добил по десет примероци на „Скопско Ехо“, најчесто на една од 100 локации во градот на кои што се раздава. Сето ова е резултат на неговото постојано раснење на тиражот кој почна со 12.000 за потоа да има просечен тираж од 25.000-30.000 примероци, но и понекогаш со 40.000 и повеќе, а свое рекордно издание го доживее при излегувањето на јубилејниот 100-ти број кој беше отпечатен во 100.000 примероци.
-Вашиот весник е реален, обработува практични теми од секојдневното живеење и тогаш кога ја критикувате работата на одредени градоначалници или функционери тоа го правите аргументирано, вели Ванчо Попов.
Јубилејниот 200-ти број се случува во време кое се карактеризира како период на се потешко опстојување на печатените медиуми. Тежината на периодот, изразена е најмногу во соочувањето на весниците со се побројните електронски средства на информирање, а и се поскапото печатење. Во таква ситуација во Македонија да се подготвува, да се печати, да се дистрибуира и бесплатно да се дели печатен неделник за некои „зналци“ беше невозможно, а за други рамно на авантура. Редакцијата прифаќа дека е авантура, ама со многу работа бидејќи тимот кој го подготвува весникот мора да е многу мал поради слабите приходи (намалени реклами) – сепак покажа дека е изводливо. Се разбира, често постојат и тешкотии, кои некогаш предизвикуваат и проретчена периодика на излегување, но никогаш и запирање на издавањето на весникот.
– „Скопско Ехо“ внесува свежина во медиумскиот и информативен простор со сериозна доза на објективност и критичка граѓанска загриженост за нашето секојдневие и долгорочна добробит, смета Заге Филиповски.
-Мислам дека весникот ги обработува сите теми што ги интересираат граѓаните. Секој што го интересира било што, има можност да го прочита, ни вели Борка Маневска.
Инаку, кога се во прашање критиките кои се упатуваат преку медиумот за незавршените работи на функционерите– тука нема промени – никој не е и нема да е поштеден. Весникот до сега силно го има критикувано (кога имаше повод за тоа) и Коце Трајановски и Петре Шилегов и сега Данела Арсовска. За весникот, поубавото Скопје е приоритетот.
Ни денар не добивме од државните субвенции
Откако беа воведени од страна на Владата во 2018 година ниту еден денар од паричните субвениции наменети за помошта на весниците не завршил на сметката на „Скопско Ехо“. А за таа намена не се одвојуваат малку пари од граѓаните. Таа година на сметка на повеќе печатени медиуми се префрлија 690 илјади евра, а потоа околу 500.000 евра, во 2020 година – 487.000 евра, во 2022 година – 324.000 евра. Годинава во план е да се поделат нешто повеќе од 162.000 евра. Некој во владините кругови стокмил такви критериуми што ние не сме од интерес на граѓаните иако тие не шитаат и тие ги даваат парите што власта ги дели. Но не кукаме, нема да престанеме да излегуваме со нови броеви иако тоа им е желбата.
Двочлен редакциски тим
Секој број на нашиот весник е дело на сосема мал, двочлен, редакциски тим кој се грижи новинските содржини да бидат претставени на најдобар начин.
Со тимот се Антонио Спасев, кој е основач и идеен творец на весникот. Тој е со новинарско искуство од „Фокус“, ТВ „Телма“ „Кирилица“ и „Дневник“. Уредник е Бранко Ѓорѓевски со искуство од весниците „Вечер“, „Пулс“ и „Дневник“.
Се изроди и нов весник „Македонско Ехо“
Успешната приказна на „Скопско Ехо“ се слушна и низ Македонија. Добивме многу писма од граѓани кои прашуваа зошто весникот не се дели и по други региони. Понесени од овој интерес редакцијата во јуни 2021 година почна со издавање и на бесплатно „Македонско Ехо“ кое третира малку поразлични теми, но со ист концепт – граѓанинот и Македонија пред се. Тој се дели низ целата држава. До сега се издадени 27 примероци и излегува, повремено, наизменично со другиот бесплатен весник. Уредник е Антонио Спасев.