Какво време дојде – да ти е страв кога ќе почнат улица да прават во Скопје

И по повеќе од две години откако се започнати кружниот тек кај „Хубо маркетот“ во Карпош и улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром никако да бидат завршени. А низ градот има уште такви примери

Во Скопје многу се радуваме кога ќе почнат да прават некоја улица или крстосница, ама потоа… Прашина, долги колони, нервози, дупки, стеснет пат… и тоа трае со месеци, а треба да е краткотрајна вонредна состојба.

Два примери се сега драстични во главниот град за тоа: И повеќе од две години откако се започнати кружниот тек кај „Хубо маркетот“ во Карпош и улицата „Васко Карангелески“ во Аеродром никако да бидат завршени. Во Карпош, на целосно раскопаната крстосница по кој секојдневно поминуваат илјадници возила дневно, некогаш има работници некогаш се намалуваат – како градењето да не е приоритет. Во Аеродром, пак, на незавршената улица ( само уште 80-тина метри и мала крстосница) работниците повеќе ги нема отколку што се таму. Нешто се работеше до пре некој месец, се направија тротоари со коишто се поплочи земјата на која порано имаше зеленило и дрвја, и толку.

Зошто е така? Зошто се што ќе се започне потоа тешко се финишира?

 – Реконструкцијата на овие сообраќајници неоправдано се пролонгира и се создава хаос во сообраќајот. И, за жал, не се само таму. Улицата „Ленинова“ е раскопана уште од февруари и нема абер од завршување. Во општина Аердором го раскопаа паркингот зад „Мајчин дом“ на 15 март и по два месеци си стои така, не се работи. За неизвршување на обврските мора да има пенали. Не ми е јасно зошто не се работи во повеќе смени, вели Горан Георгиевски.

Сообраќајницата кај „Хубо маркет“ е голем проект започнат од страна на претходниот градоначалник со најава дека ќе биде завршен до февруари 2024 година. Меѓутоа, работите на кружен тек и на една клучка се одамна раскопани и требаше да се направат затоа што се направи тесно грло кое го закочи сообраќајот. За сообраќајницата во Аеродром беше објаснето дека има одредени имотни проблеми, но прашањето е дали делницата мораше да биде оставена баш така целосно запуштена и раскопана поради што поминувањето преку неа е мачење на граѓаните. А да бараш алтернативни патишта за тој дел и нема баш многу.

-Очигледно се работи за неспособност. Плус на сето ова, семафорот од ФОН- универзитет према Лисиче, после мостот “Близнаци“ е наместен да трае само 15 секунди да трае и се ствара непотребна гужва. Мора да има начин изведувачите да се натераат да ги почитуваат роковите, со пенали или слично, смета граѓанинот Љупчо Митевски.

Проблемите со градење-недоградување во скопскиот сообраќај, очигледно, тешко се решаваат. Летната градежна сезона е веќе во полн ек, но таа како да не се користи за забрзување на работите. Градските власти, пак, освен повремени прошетки по нив со цел да се направи некаков „увид“ кој ќе биде пренесен на медиумите, како да не покажуваат поголем интерес работите да бидат забрзани со цел да се намалува сообраќајниот хаосот низ Скопје.

Кога ќе дојдат на власт проектите им одат бавно

Сето тоа е поради многу ветувања на градоначалниците, а потоа неможност да остварат.

-Со години и децении граѓаните се жртви и заложници на несериозните градски и општински политики. Пред доаѓање на власт се ветуваат стотици проекти, “препород” на градското и урбаното живеење, а откако власта ќе се зграпчи, повеќето проекти се забораваат или се остваруваат со бавно темпо. Овие сообраќајници се еклатантен пример, но видете и колку доцнат објектите кај Рамстор мол во центарот, ни вели граѓанинот Игор Ѓуровски.

Претходна вестПретпладне сончево, попладне дожд и грмежи
Следна вестКолони возила на границата со Грција, се чека и повеќе од 1 час