Од кинеското министерство за надворешни работи реагираа на изјавите на американските функционери, кои во текот на викендот повторуваа дека Пекинг не треба да размислува за испраќање оружје и муниција на Русија. Кинеската дипломатија денес порача дека Америка „не е квалификувана да држи лекции“ за испраќање оружје.
– Американската страна, а не кинеската, постојано испраќа оружје на боиштето. Американската страна не е квалификувана да ѝ држи лекции на Кина. Никогаш нема да прифатиме Америка да диктира или да врши притисок врз руско-кинеските односи, кажа Венбин, портпарол на кинеското министерство за надворешни работи.
„Кој повикува на дијалог и мир, а кој дели оружје и поттикнува конфронтација?“, праша тој, додавајќи дека Кина „продолжува да повикува на мир и промовира дијалог“ за да се реши конфликтот во Украина.
Инаку претходно американскиот државен секретар Ентони Блинкен вчера изјави дека одлуката на Кина да испрати оружје во Русија ќе има „сериозни последици“ за односите меѓу двете велесили.
– Постојат различни видови на смртоносна помош што Пекинг размислува да ги испрати, рече Блинкен во интервју за Ен-Би-Си.





