Колку е грдо кога ќе видите откорнати темјанушки

Колумна на Владимир Величковски: 

Покрај ветувањата и натаму никнуваат новите згради, во тесниот градски простор. Освен тоа агресивно се наметнуваат мамутски трговски центри кои ги истиснуваат малите, а сиромашните можат само да прошетаат во ходниците. Со подигнувањето на модерниот „Ист гејт“ се избриша уште една точка на скопската урбана меморија – тоа е веќе поранешниот Скопски саем. На сцена бездушно стапија новите храмови на провинциска потрошувачка, на експлоатација и она што значи зло за градот. Хотелот „Континентал“ визуелно и физички се намали, е е толку упадлив, а карикатуралниот џуџест „монумент“ „Михајло Апостолски“ е уште еден пример на потценување и негрижа за новата македонска историја. Само на моменти се зголемува чувството и на носталгија кон минатото. Недостасува хумор, ама не и иронија ниту цинизам, во амбинет на сивило и лошотилок. Универзална сала останува руина, прашање е дали целосно ќе се реновира. Секоја власт има свои советници и нов дилетантизам, преокупирани со својот брз и неодговорен ламтеж за власт и пари. Народот, партиски исподелен ништо не решава и изгледа го прифаќа понижувањето и неслободата. Некој предложи грижливо (како Триумфалната порта) да се исчистат чкртаниците врз бронзените монументи, без да се покаже загриженост за многу други сериозни проблеми кои го тиштат центарот на градот. Слушнавме и за веќе подготвени проекти за две градинки во Аеродром, но што станува со вистинската грижа за децата!? Сите предизборно ветуваат „нова иднина“ и модернизација на градот со едни исти проекти: на пример, правење пет мега паркови – зелени површини, најверојатно како „висечки градини“, ни на небо ни на земја.

Регистрирам месечна автобуска карта и многу неумесно прашав: треба ли да платам зошто имало нови и брзи еко-автобуси! Колку сме нереални и фантасти, како алхемичарите на Маркес, во овој наш примитивен Макондо! Претеруваме во се, меѓу другото и во градења мали цркви во градот кога луѓето се повеќе се затвораат и помалку умеат да медитираат и да разликуваат доброто од злото. Нив ги притискаат разни проблеми, пред се борбата за гол опстанок. Така стварноста добива белези на привид, а партискиот активизам не содржи вистинска активност за подобар живот.

Не видов насмеан лик по изборите: луѓето се умерни од лаги и ниски постапки од регистерот на „партискиот театар“ и посакуваат да здивнат – рамнодушно и резигнирано да и се препуштат на судбината. Покрај фрустрирачко бреме од минатото надвисната е стоглавата ламја на злото и кризата кои немаме сила, ниту волја, најмалку капацитет да се справиме со нив. Можеби ќе можат некои нови, слободни млади луѓе. За сега најмногу страда сиромавиот: тој не живее како треба, а да умре е луксуз, како и да се разболи затоа што не може да плати. Правдата ја делат, меѓу другото, институциите етнички и коалициски поделени меѓу себе. Нема спас од тешката корупција  во оваа земја – апсурдистан. Колку е грдо кога ќе видите откорнати темјанушки кои ја украсуваа околината на станбена зграда. Или, кога ќе видите бабичка која не може да продаде убаво есенско цвеќе, седната стуткана на столче и лете и зиме. И тоа не е толку едноставно како изгледа.

Претходна вестИма лек од самокиднапирани пратеници
Следна вестМакедонија има 6 врвни научници кои се меѓу најдобрите во светот