Илинден е огништето на татковинатата, идеал за слободна и независна држава втемелена на македонската историја, традиција и култура, на вредностите на слободата, правдата и еднаквоста, порача синоќа од Крушево премиерот Димитар Ковачевски на отворањето на традиционалната манифестација „Десет дена Крушевска Република“, која од вчера до 10 август се одржува секоја година во Крушево по повод големиот национален празник 2 Август, Денот на Републиката – Илинден.
Ковачевски потенцира дека Илинденското востание е врвен аманет, завет и историски паметник кој сите пред нас, ние денес но и сите по нас, мора да го имаат пред себе секојдневно.
-За да паметиме, за да знаеме кои сме, од кога сме! И најважно, за да знаеме каде и како треба да одиме во иднината. На Гумења одбележуваме 120 години од еден од најважните датуми, еден од централните моменти во нашта вековна историја. 120 години од почетокот на Илинденското Востание кое во нас остави неизбришлив печат, 120 години од моментот кога во илинденско Крушево е распламтена вербата дека борбата за македонската државност – вреди. Распламтена е слободарската, демократска и прогресивна идеја за автономна македонска држава, дом, огниште за сите, рече Ковачевски.
Тој рече дека ја паметиме и славиме визијата и идеологијата на Гоце Делчев, борбата за правда на Јане Сандански, херојството на Даме Груев, држатворноста на Никола Карев, херојството и саможртвата на Питу Гули!
-Нивните идеали биле патоказ за Мирче Ацев, Стив Наумов, за Брашнаров, Главинов, Влахов, Рацин, Шабани, Карпош, Паликуќа и за други знајни и незнајни херои, на кои денес се поклонувме, истакна премиерот.
Ковачевски нагласи дека нивната борба била длабоко и нераскинливо поврзана со историските корени, традиција, култура и писмо на македонскиот народ, поставени и развивани од Светите Кирил и Методиј, од Светите Климент и Наум, преку вонвременските дела на Мисирков, браќата Миладиновци и како што рече, нашиот џин, Конески.
И токму по Илинден 903-та, АСНОМ 44-та, но и Скопје 1991-ва, клучното прашање, додаде Ковачевски, е каква држава сакаме и правиме денес, каква држава сакаме да оставиме утре?
-Сакам јасно и силно да истакнам дека и ние имаме обврска, имаме незавршена работа, континуирано да ја градиме државата како слободна држава на слободни граѓани! Да ја градиме како отворена држава, во која дом може да најде секој! Како држава на социјална правда! Држава на еднакви, рамноправни граѓани! На правда, ред и поредок! Држава на солидарност! На вредности, знаење и разум! Држава на разбирање, почитување, на взаемна поддршка! На прогрес и напредок! Држава со своја историја, сегашност и иднина! Тоа е нашата обврска, тоа е нашиот наследен завет и аманет, тоа мора да биде нашето наследство за идните генерации, рече Ковачевски.
Ние знаеме дека од Илинден – до денес, додаде Ковачевски, ништо не било лесно, затоа што, како што рече, нема лесен пат до вредна цел.
-Но, насоката на илинденците и асномците е јасна, патоказот е пред нас. Илинденците и асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи. Не калкулирале со следниот потребен чекор. Не бегале од одлуки и не се криеле. Знаеле и дека во обединувањето е силата – и така и постапувале. Одлуките на илинденците и асномците обврзуваат дека битките се водат, не се напуштаат! Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет, рече тој.
Премиерот потенцира дека мораме да продолжиме да ја градиме државата на европскиот пат.
-Ние друга алтернатива немаме и не смееме да имаме. Заради нас самите! Никој не смее да ја украде и измени нашата историја! Бидејќи тоа е невозможно! Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност! На сите негирања однадвор и одвантре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности! Во исто време, нашата борба мора да продолжи!, нагласи Ковачевски.




