Темен режим Режим на светлина

Ковачевски на Кале: Владата постапи по аманетот на илинденците и асномците дека правата се штитат седнати на иста маса заедно со светските сили

Оваа Влада постапи по аманетот на илинденците и асномците дека правата се штитат седнати на иста маса заедно со светските сили. И сите оние кои во следниот период ќе носат важни одлуки, треба да постапат по истиот аманет, порача денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Тој, заедно со други делегации по повод големиот државен празник 2-ри Август, Денот на Републиката – Илинден, положи свежо цвеќе пред Споменикот на Слободата -„Сила, слава и победа” на скопската тврдина Кале.

Ковачевски потсети дека Крушевската репуулика траела само 10 дена, но е симбол на македонската државност. Рече дека сите одлуки до денес се донесени со инспирација од храброста на илинденците и асномците, – изборот на првата влада, референдумот за независна Македонија, донесувањето на Уставот како највисок правен акт, одлуката за членство во ОН, Охридскиот договор и одлуката за нашето членство во НАТО…

-И денес, Републиката има потреба од нова државничка одлука со што ќе продолжиме по зацртаниот пат. И денес треба да се свртиме кон аманетот кој ни го имаат оставено илинденците и асномците. Иако порано историјата го оценувала кревањето на Илинденското востание како преурането, денес на него се гледа како на неопходно. Благодарение на тоа, ние денес имаме единствена македонска држава. Порано битките биле на бојното поле, денес тоа е дипломатското поле. Оваа Влада постапи по аманетот на илинденците и асномците дека правата се штитат седнати на иста маса заедно со светските сили. И сите оние кои во следниот период ќе носат важни одлуки, треба да постапат по истиот аманет. Дали ќе ја следиме визијата на илинденците и асномците и ќе седнеме на иста маса со европските сојузници или ќе бидеме изолирани и сами, порача Ковачевски.

Тој додаде дека огништето значи среќни и мотивирани луѓе, а сонот да се живее во европска држава, треба да се оствари тука во родната земја.

-Огништето треба да го сочуваме, да не се случи да остане празно, рече премиерот. Низ годините будно ја чувавме нашата мултиетничка држава која е препознаена како мултиетничка демократија. По Илинден и АСНОМ имаме обрврска да носиме одлуки што прават пат напред за идните генерации. Да си ја сакаш државата значи да се избориш за перспективите. Така е добиена битката за своја држава, јазик, идентитет. Обединети ја добивме битката за НАТО, можеме и за ЕУ. Со чекори напред, не со чекори назад. Не со страв, туку со одлучност, рече Ковачевски.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

ФФМ со нови правила: Црвен картон за тренери ако се однесуваат насилно и омаловажувачки, ќе се надоместува времето за одолговлекување при изведување на слободен удар, аут, за прослава на гол...

Следна објава

Дуро по реваншот во Подгорица: Ова е историска победа за Струга Трим Лум