Сèуште во јавноста бурно се реагира на обидот на власта да и угоди на странски конзорциум, и работното време да го зголеми од 40 на 60 часа неделно. За синдикалците тоа би значело работниците да станат полу-робови.
Но премиерот Димитар Ковачевски денеска изнесе свое објаснување зошто тоа треба да биде така. Според него доколку бидат изгласани измените за 60-часовна работна недела за работниците на коридорите 8 и 10 ќе се зголеми нивната продуктивност. На денешна прес-конференција тој изјави дека така помалку работници ќе работат повеќе часови, со што поголем дел од финансиите ќе останат дома.
– Досега во градежниот сектор многу компании имаат побарано слични измени и до Владата со оглед на тоа дека самиот сектор подлежи на сезонски варијации кои зависат од времето. Тоа се побудите со кои сакаме да направиме законски измени со кои подобро ќе се искористат ресурсите и второ се забрзува работата и се зголемува продуктивноста на овие работници, изјави Ковачевски, а пренесе А1он.мк.
Во меѓувреме, партијата Левица поднесе 1.111 амандмани против овие законски измени со што седницата во Собранието беше одложена.





