Еурофарм Пелистер му зеде скалп и на Алкалоид. Шампионот со седум од седум го заврши првиот круг од плеј-офот во Суперлигата, откако извојува убедлива победа над вицешампионот од 25-35.
Филип Кузмановски и на овој натпревар беше еден од најдобрите ракометари на „зелено-белите“. Тој го анализираше дуелот со Алкалоид и најави уште поборбен Еурофарм Пелистер во иднина.
-Можеби некои натпревари ги игравме послабо, можеби противниците беа подобри, но ние се бориме за титулата и таа борба ја покажавме на овој натпревар. Одигравме речиси без грешка, честитки до сите, напорно работиме и така ќе продолжиме за да ја оствариме целта, рече капитенот.
Кузмановски призна дека му е чест што е лидер на оваа екипа и вети дека напорно ќе работи и во иднина да донесе уште успеси за градот и клубот.
-Тимот ме прави да бидам лидер. Се трудам, многу сум посветен, работам напорно. Живеам за ракометот и сакам да бидам шампион. Можеби тоа беше и причината зошто се вратив во мојот матичен клуб. Играм за Еурофарм Пелистер, за Битола и за навивачите, рече Кузмановски.
Кузмановски натпреварот со Алкалоид го заврши со пет постигнати гола. Прв стрелец кај пелистерци беше Нејц Цехте со дванаесет реализации.