Иран е 17-та најголема држава во светот по површина и има исклучително стратешка позиција на раскрсницата меѓу Западна и Јужна Азија. Меѓу другото го контролира Ормускиот Теснец – клучна енергетска артерија низ која поминува околу 20% од светската нафта.
Иран има 92 милиони жители и речиси 60% од населението е помладо од 39 години. Мнозинство се Персијците. Државата е теократска исламска република во која религијата е тесно поврзана со политичкиот систем.
Оваа голема држава располага со околу 10% од светските резерви на нафта и 15% од резервите на гас, што го прави енергетски џин. Сепак, долгогодишните западни санкции, инфлацијата и падот на валутата ја држат економијата во криза.
Иран има две паралелни воени структури – редовната војска и Исламската револуционерна гарда – со над 600.000 добро обучени припадници. Поседува најголем арсенал на балистички и хиперсонични ракети на Блискиот Исток.
Надворешната политика на Иран е обележана со блиските врски со Русија и Кина, а со постојани тензии со САД и Израел. Има нуклеарна програма за која тврди дека е мирнодопска, а САД се сомнева дека развива нуклеарно оружје и вели дека тоа е причината за актуелните напади и убиството на врховниот водач на Иран.





