Темен режим Режим на светлина

Љуботен ги казни грешките на Тиверија Брера и третпат во низа го освои Купот!

Фудбалерките на Љуботен третпат во низа го освоија трофејот во Купот на Македонија, откако славеа во финалето против Тиверија Брера со 3-0 (1-0). Натпреварот се одигра на еден од терените при Фудбалската федерација на Македонија, а го реши нигериската напаѓачка на тетовчанки Огочукву Охадиле со два погодоци.

Уште од стартот Љуботен беше поофанзивен и инспириран да дојде до гол. Првата голема шанса беше директно од корнер, кога Александра Марковска погоди статива и за малку не донесе предност. Потоа во два наврати исто така по удар од аголот се закануваше Хава Мустафа на која паѓаа нафрлувањата, ама безуспешно. Тиверија својата прва закана ја испрати преку Недева со удар од далечина, меѓутоа ништо многу опасно.

Резултатот беше отворен во 45. минута од натпреварот со голот на Огочукву Охадиле. Нигеријката добро ја проследи акцијата и топката од средината, одбраната на струмичанки потфрли и направи неуспешна офсајд-замка, па следуваше атрактивен лоб-гол на Охадиле за 1-0.

Девојките од Љуботен даваа голови во перфектните моменти, бидејќи по првиот на крајот на првото полувреме дадоа и втор на стартот на продолжението. Одново стрелец беше Охадиле, одново со лоб удар, ама овојпат по лоша реакција на голманката која во обид да скрати топка кон Мустафа го остави својот гол празен. Нигериската напаѓачка ја смести топката во мрежата за 2-0 во 49. минута. Во продолжението Мустафа имаше нова голема можност, а одново се тресеше рамката од противничкиот гол. Завршницата од средбата понуди и трет погодок, стрелец беше Ева Величковска која ги постави конечните 3-0 во 89. минута. Голот беше по нова грешка на голманката Панчуровска бидејќи по една навидум не многу опасна топка, лошо го процени летот, топката ја прескокна и на крајот не успеа да се спаси.

Дури во завршницата Тиверија излезе нешто поофанзивно, меѓутоа освен шутот крај голот на Николовска од слободен удар немаше други вистински возбудувања.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Полицајци, наставничка и пожарникар осомничени за незаконско посредување за побрзо издавање на лични документи

Скопјанец физички нападнат во Карпош, друг на паркинг во Ѓорче

Следна објава
Нови измени за платите на функционерите на дневен ред во Собранието

Новиот Закон за енергетика помина на собраниска седница