Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се на чекор до освојување на нова шампионска титула, откако во вториот натпревар од финалната серија повторно ја совладаа екипата на Маџари со 81:76 на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“.
„Сино-белите“ имаа одлично прво полувреме во кое направија значајна предност и на пауза заминаа со водство од 47:31. Избраниците на тренерот Васко Атанасов го контролираа ритамот и во третиот период, и покрај тоа што Маџари ја доби четвртината со 22:19.
Во последната четвртина се разви вистинска драма. Домашниот тим влезе во завршницата со предност од 66:53, но гостите од Маџари одиграа одличен финиш и се приближија на само три поени разлика (76:79), со напад за израмнување.
Сепак, во клучните моменти, екипата на МЗТ Скопје ја задржа присебноста. Неуспешниот обид за тројка на Димчевски и реализираните слободни фрлања на Петков ги решија дилемите околу победникот.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Смит МекСвејн со 19 поени, осум скокови и три асистенции, додека Војдан Стојановски додаде 18 поени.
Кај Маџари, најрасположен беше Луис со 25 поени, додека Армстронг забележа 17 поени, седум асистенции и шест скокови. Хот постигна 14 поени, а Савиќ додаде 11.
Третиот натпревар од финалната серија се игра во недела навечер, каде Маџари ќе биде домаќин и ќе се обиде да се врати во серијата.