Мицкоски: Една заклетва го сврти вниманието на целата грчка и европска јавност, а нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред ЕУ никако не се коментира

Интересно е како една заклетва на Претседателот на Републиката може да го сврти вниманието на целата грчка и европска јавност, а нашето непринципиелно чекање во чекалницата пред Европската Унија повеќе од две и половина децении, со платени високи цени за влез, никако не се коментира ниту е предмет на интерес, изјави денеска Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше пред црквата Св. Богородица во стушко Калишта, на свеченоста по повод одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.

– Јас сум свесен и за објективните слабости во потенцијалот на институциите, во присуството на корупцијата и акутната неспособност за резултати на власта во заминување, но Македонија плаќање скапа цена поради блокадите на соседите, иако го делиме и заслужуваме заедничкиот европски сон кој е нашата заедничка цел. Во тоа постојано чекање се губи нашето достоинство. Се удира и по нашата самодоверба и колективно самоопределување. Ако го говорам ова не значи дека се откажувам од тој сон, затоа што и Македонија е Европа и го полага правото за членство во Унијата. Затоа што мал, но многу значаен дел од колективата крепост на Европа и припаѓа и на Македонија, татковината на Св. Климент и Наум, на Света Лидија Македонката,  Свети Еразмо Охридски, Ѓорги Кратовски, Злата Мегленска и многу други светители. Врз овие грамадни имиња се потпира и нашата света Македонска православна црква – Охридска Архиеископија. Која ја има и ќе продолжи да ја има мојата поддршка во борбата за соувување и идентитско самоопределување, согласно заложбите и апелите на г.г Стефан, порача Мицкоски.

Говорејќи пред присутните на кој беа и членови на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата, меѓу другото, лично им се обрати и им порача дека секој еден од нив ќе добие шанса бидејќи не сака да го задржува потенцијалот на луѓето околу себе. Тој додаде дека она на што првенствено ќе се посвети е она што најмногу, убедливо најмногу го засега секој еден човек, а тоа е потребата за подобар живот и изградба на заедничка иднина.

-Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално, и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати. Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот, и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува. За брзо од сега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша напорна и голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина од вас овде се гледаат на различни позиции, функции и места, но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој кој ја дава оваа власт, а тоа е народот. Бидете свесни дека секое ваше потрфлање ќе биде разочарување на народот и луѓето чии дланки ги стиснавме во нашата повеќегодишна битка за ставање на крај на ова владеење. Секој ќе добие шанса, секој од вас, но таа шанса е обврска која морате да ја исполните. Не планирам да го задржувам потенцијалот на луѓето околу мене, затоа што доколку тоа би го правел би бил себичен, тој мора да се разлее низ институциите кои предолго беа заспани и уништувани и способните да добијат вистинска шанса. Знајте дека ја имате мојата доверба, но и ќе ја имате мојата апсолутна жестокост без пардон доколку било кој од вас влезе во коруптивни или задкулисни игри, потенцира тој.

Претходна вестМакедонија од третиот шешир ги чека ривалите за Светското првенство
Следна вестРибочуварка на Тиквешко Езеро физички нападната од три лица