Изведување на одговорност на актуелните државни функционери кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ја презеде власта во државата, најави денеска партискиот лидер Христијан Мицкоски. Тој рече дека веднаш по формирањето на влада предводена од неговата партија, ќе стартува процес на корекција на сите грешки од актуелното државно раководство, но и одговорност за процесите кои се случуваат во овој период.
-Ќе имаме многу за корегирање кога ќе ја преземеме владата и ќе имаат што да одговорат овие политичари кога ќе бидат изведени на одговорност. Ако некој мисли дека ова ќе се заборави и дека секоја работа ќе трае два-три дена, се лаже. Наша обврска е тоа прашање да им го поставиме кога ќе дојде денот, бидејќи сега, со оваа заробено судство, обвинителство, органи на прогон, тешко дека може нешто да се направи. Но, ќе дојде денот кога ќе побараме одговор, зошто беше потребно сево ова?, рече Мицкоски.
При посетата на скопската општина Аеродром тој рече дека Извршниот комитет на партијата вечерва ќе расправа и ќе се произнесе по предлогот за референдумско изјаснување како и за анализа на актуелната политичко економска состојба во државата.
– Ќе разговараме за предлог за референдумско изјаснување да видиме каков тип на референдум, кога би го почнале, како би го почнале, на што би се насочиле, на што би се фокусирале и тн да слушнеме членовите на ИК што мислат и нормално анализа на актуелната политичко економска состојба во државата. Состојбата со економијата е исто така апокалиптична. А доаѓа зима овие во владата се однесуваат како онаа народната со штурецот, за месец два започнува и учебната година доаѓа есента, потоа и зимските денови цените на енергенсите гледаме континуирано растат, не гледаме дека некој се занимава со тоа, не гледаме дека некој се занимава со обезбедување на резерви на пченица и слично така што сложена е состојбата и како државотворна политичка партија треба да излеземе со наша позиција по неколку прашања отворени, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека не знае зошто е потребно македонската влада да го појаснува македонскиот јазик.
-Тој има своја јасна антропологија, уште во времето на многу преродбеници во минатото. Кодифициран е тогаш кога е кодифициран, стандардизиран е тогаш кога е стандардизиран, и не ја гледам потребата на нашата влада да го ограничи на територијата на денешна Македонија. Небаре овие кои зборуваат македонски во околните држави зборуваат некој друг јазик, изјави Мицкоски.


