Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, им се заблагодари на медиумите за присуството и можноста да се документира состојбата која денеска се затвора како едно долгогодишно отворено прашање во Општина Бутел.
Тој посочи дека градоначалникот и министерот за внатрешни работи веќе ги изнеле клучните информации за тоа каде и во какви услови повеќе од 30 години работеле полициските службеници, како и што е предвидено да се изгради на местото на старите бараки – парк, културен мултифункционален дом и други содржини кои, како што рече, ќе претставуваат додадена вредност за општината.
Мицкоски нагласи дека условите во кои функционирала полициската станица не одговарале на никакви стандарди и дека било потребно огромно трпение за во такви услови да се извршуваат секојдневните полициски задачи.
„Некои од полициските службеници таму започнале да работат и се пензионирале во тие услови. Тоа бара големо трпение и посветеност, за што им изразувам искрена благодарност“, истакна премиерот.
Тој упати благодарност и до министерот за внатрешни работи, до Министерството за социјална политика, демографија и млади, до заменик-министерот, до градоначалникот и Општина Бутел, нагласувајќи дека проектот е резултат на заедничка и координирана работа на институциите и Владата.
Мицкоски порача дека Владата и во иднина ќе продолжи да поддржува вакви проекти и изрази надеж дека сè помалку ќе има вакви отворени и долгогодишни инфраструктурни проблеми кои ќе треба да се решаваат.





