Темен режим Режим на светлина

Трамп го пофали херојот кој разоружа напаѓач на плажата Бонди

мериканскиот претседател Доналд Трамп го оцени нападот на плажата Бонди во Сиднеј како „страшен“ и „антисемитски“, истовремено пофалувајќи го граѓанинот кој со лична храброст успеа да совлада еден од напаѓачите и да спречи уште поголема трагедија.

– Сакам да ѝ изразам почит на Австралија и на премиерот. Тоа што се случи таму е страшна ситуација – изјави Трамп, додавајќи дека посебна благодарност заслужува „мошне храбриот човек“ кој реагирал во критичен момент.

Граѓанинот е идентификуван како 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, трговец со овошје од предградието Сатерленд и татко на две деца. За време на нападот, тој физички го совладал и го разоружал еден од напаѓачите, но при интервенцијата бил тешко повреден и погоден со два куршума.

– Тој е во болница и не знаеме каква е неговата состојба, но за нас е 100 отсто херој – изјави негов близок роднина, додавајќи дека Ахмед треба да биде опериран.

Според достапните информации, Ахмед немал никакво искуство со огнено оружје и во моментот на нападот случајно се нашол во близина. Снимките што се појавија на социјалните мрежи го прикажуваат како од засолниште зад паркиран автомобил ненадејно трча кон напаѓачот, го совладува одзади и му ја одзема пушката, по што напаѓачот се повлекува.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече нападот „ладнокрвно убиство“ и изјави дека го предупредил австралискиот премиер Ентони Албанезе дека политиките на неговата влада придонесуваат за раст на антисемитизмот.

– Антисемитизмот се шири додека лидерите молчат. Мора да се замени слабоста со акција – порача Нетанјаху.

По нападот, повеќе големи светски градови, меѓу кои Берлин, Лондон, Њујорк и Варшава, ја засилија безбедноста околу настаните поврзани со празникот Ханука. Британскиот крал Чарлс Трети исто така го осуди, како што го нарече, „ужасниот антисемитски терористички напад“.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Судот одреди 30-дневен притвор за поранешниот правобранител Фехми Стафа

Следна објава
Парови откриваат: Малите промени во сексот го зголемуваат задоволството

Без секс со месеци? Еве како тоа влијае на телото и психата