Меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон, изјави денеска претседателот на Собранието Јован Митрески. Тој одговори на новинарско прашање дали мнозинстовото во законодавниот дом утре ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи.
-Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот, рече Митрески.
Во текот на денешниот ден ќе го дополни дневниот ред за утрешната седница за законот на патни исправи, а во врска со поддршката на пратениците вели одлуките ги носат самите пратенички групи.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владејачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите. Во спротивно вели тие треба да се откажат од своите дипломатски пасоши, со кои патуваат непречено, кога и каде да посакаат.
На дневен ред утре во законодавниот дом ќе се најде и Законот за игрите на среќа, кој претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише. Претседателот на законодавниот дом, Митрески рече постапил како што е пропишано со деловничката процедура, односно да биде ставен на дневен ред во рок од 30 дена од враќањето на одлуката на претседателот Стево Пендаровски.