Новак Ѓоковиќ се врати на терените по пауза од 57 дена, но настапот на Мастерсот во Рим го заврши уште на стартот, откако беше поразен од младиот хрватски тенисер Дино Прижмиќ со 2:1 во сетови (2:6, 6:2, 6:4).
За Ѓоковиќ ова е првпат во кариерата да биде елиминиран уште во својот прв меч на турнирот во Рим, додека за Прижмиќ ова претставува најголема победа досега.
Српскиот тенисер одлично го отвори натпреварот и по израмнетиот почеток успеа да врзе четири гема во низа за убедливо освојување на првиот сет.
Во вториот сет, Прижмиќ значително ја зголеми агресивноста во играта и брзо стекна предност од 4:0. Воедно, кај Ѓоковиќ беа забележливи и одредени физички проблеми, поради кои делуваше далеку под своето препознатливо ниво.
Хрватскиот тенисер го искористи падот во играта на противникот и успеа да израмни на 1:1 во сетови.
Решавачкиот момент во третиот сет беше брејкот на Прижмиќ во петтиот гем, по што успеа да ја задржи предноста до самиот крај и заслужено да се пласира во третото коло.
Ова беше прва победа за 20-годишниот Хрват над Ѓоковиќ во нивниот втор меѓусебен дуел, а во следната рунда ќе игра против победникот од мечот меѓу Вит Коприва и Уго Амбер.



