Не сме добиле покана и не планираме одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, изјавија денеска од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.
Српските медиуми викендов шпекулираа дека СПЦ планира да „признае канонско единство“ со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор кој ќе трае до 23 мај. По ова, великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“.
Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници.
Во однос на информациите дека на 5 јуни на празникот Педесетница или Света Тројца најверојатно во Истанбул, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, изворите на МИА од нашата Црква посочуваат дека се планира таква богослужба, но дека засега ништо не е прецизирано.





