Соборот на Српската православна црква денеска одобри канонско единство со МПЦ-ОА врз основа на автономниот статусот кој на Македонската православна црква и бил доделен во 1959 година. На вториот ден од седницата на Соборот, СПЦ објави соопштение во кое наведува дека го „поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ, доделен во 1959 година“.
– Примајќи го актот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија со кој го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква и изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го решава и реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод одлучи: со благодарност кон Господа и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година, се наведува во соопштението на СПЦ.
Во текстот се нагласува дека со ова „се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година“ и се воспоставува целосна литургиско и канонско општење.
– Со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку и целисходен, легитимен и реален, се додава во соопштението.
СПЦ уште нагласува и дека во дијалогот за идниот и евентуално конечен канонски статус на МПЦ-ОА, Српската православна црква „ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитички“, „геополитички“, „црковнополитички“ и други слични работи или за еднострани иницијативи и не потпаѓајќи под ничие влијание или притисок“.
– И, конечно, Соборот нема намера по решавањето на статусот да ја условува новата сестринска Црква со оганичувачки клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикација во матичната земја и во дијаспората, со препорака прашањето за нејзиното официјално име да се реши во директен братски дијалог со еленофонските и другите помесни православни цркви, се наведува во соопштението објавено на сајтот на СПЦ.
Во однос на оваа соопштение македонските владици денеска не се огласија. Македонската јавност од нив очекува да кажат дали имало акт кој тие го испратиле до СПЦ и во кој се наведува дека го „прифаќаат општопризнатиот канонски статус доделен уште во 1959 година“. Со тоа, практично, не се признава прогласувањето на автокефалноста на МПЦ-ОА во 1967 година. Владиците треба и да објаснат како ова ќе се одрази во постапката која се води пред Вселенската патријаршија за признавање на македонската црковна автокефалност во 1967 година?



