Собранискиот спикер Талат Џафери, заедно со своите соработници, од денеска па до четврток ќе престојува во студиска посета на Германскиот Бундестаг во Берлин. Како што се наведува во собраниското соопштение посетата е организирана со цел продолжување на процесот за осамостојување на собраниското обезбедување. Во практичниот дел од посетата, се додава, ќе се реализираат средби со генералниот секретар на Бундестагот, со високи службеници од Бундестагот надлежни за парламентарни услуги, полиција и безбедносни задачи, ревизија, како и претставници на Парламентарниот ТВ канал.
Добрo е тоа што се организира таква посета, многу работи треба и Џафери и неговите служби да научат. Никогаш не е доцна за такво нешто.
Инаку, претседателoт на Собранието вчера им испрати смс-пораки на пратениците дека во македонскиот парламент нема никакви закажани активности. Зошто тоа беше потребно, односно, чекаа ли пратениците тој во недела да ги информира за евентуалните собраниски активности за денеска, не е познато. Исто како што не е познато зошто се дозволи македонскиот парламент да остане без струја, па не работела ниту собраниската веб-страница.
Како и да е, Џафери во наредниве денови ќе може целосно да се посвети на искуствата на самостојни собраниски обезбедувања, како и на парламентариниот ТВ канал. Сега е прилика и да добие сознанија како и кој треба да се исклучува микрофоните за да во јавноста не се слушнат евентуални идни тешки пцости и навреди од парламентарец кон вработени во собраниските служби.
Во Берлин може ќе научи и дека на тешките зборови и на таквиот однос воопшто не им е место ниту во парламентот, а секако и на било кое друго место. Вака, неговото скандалозно и недозволено однесување ја виде целата македонска јавност, но не го виде и неговото извинување, па дури и оставка. Можеби една од лекциите во Бундестагот ќе биде и таа.




