Најави за протести, петиции, незадоволство… е реакција на дел од граѓаните на неодамнешната одлука за Регулаторна комисија за енергетика која ја покачи цената на електричната енергија за 7,4 проценти. Граѓаните се револтирани што поскапувањето се случува во екот на кризата со корона вирусот чии последици се опаѓање на животниот стандард, зголемување на бројот на невработени лица, падот на економијата…
Просечната сметка за струја во земјава ќе се покачи од 1.500 на 1.600 денари, односно, граѓаните годишно ќе плаќаат уште една сметка повеќе. За каков удар на стандардот на македонскиот граѓанин се работи се гледа и од фактот што со една просечна плата Македонецот може да подмири околу 17 сметки за струја, Хрватот 45, додека Британецот со месечната заработка може да плати над 50 сметки, односно, трипати повеќе.
За четврток во 19 часот на главниот плошрад во Тетото е закажан граѓански протест што се организира преку социјалните мрежи.
– Протестот се организира за да се спречи зголемувањето на цената на електричната енергија, како реакција на монополот на услугите на компанијата ЕВН и нивното неправилно однесување кон потрошувачите. Бараме и распуштање на РКЕ, тело што им служи на интересите на деловните групи и корпорациите кои ја оштетуваат веќе оптоварената економија на граѓаните и формирање на независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги, се наведува во соопштението на иницијаторите од Еко-герила.
На интернет илјадници граѓани веќе ја потпишаа онлајн петицијата за укинување на одлуката за поскапувањето на струјата. Се бара регулаторот итно да ја повлече одлуката, намалување на ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 проценти, укинување на скапата тарифа, формирање на посебен фонд за покривање на трошоците на лицата со финансиски потешкотии кој ќе биде финансиран од профитот на универзалниот снабдувач, укинување на задолжителната комунална такса за јавно осветлување. Организација на потрошувачите смета дека е неприфатливо одлуката да се носи во време кога домаќинствата се погодени од кризата со вирусот.
-Регулаторната комисија пред да ја соопшти одлуката требала да спроведе стручна дебата со сите засеганти страни па потоа да предложи решение кое нема да им нанесе штета на граѓаните, потенцира ОПМ.
Протест кој ќе се одржи деновиве најави и Независниот синдикат на градежни работници и инжењери.
-Добро беше што се зголеми минималната плата од 14.500 на 14.900 денари, но, на овој начин пробуваат тие пари повторно да ги земат од џебот на производствениот работник. Покачувањето на струјата е директен удар по џебот на граѓаните и е показател за недомаќинско работење. Ситуацијата е – дај им па ќе им земеме. Не може така, изјави претседателот на овој синдикат Атанас Трајковски.
За граѓаните особено е неприфатливо што властите почекаа да завршат изборите и веднаш по гласањето да најават покачување на ел. енергија.
-Зошто никој не кажуваше пред избори дека струјата ќе поскапи? Не бомбардираа со ветувања, а само ден по изборите почнаа со бркање во нашиот џеб, е една од многуте критики упатени до политичарите преку социјалните мрежи.