Намалување на новозаразени и на починати лица од корона вирусот имало минатата недела, во споредба со претходната, покажува денескa објавената анализа на Институтот за јавно здравје. Анализата која го опфаќа периодот од 7 до 13 февруари покажува дека имало 8.638 нови позитивни случаи од 35 градови во Maкедонија.
-Тоа е намалување од 13,4 проценти во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 27,2 отсто до 37,4 проценти, просечно 32,2 проценти. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, наведува ИЈЗ.
Пријавени се 124 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 32,6 отсто помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (49). Во однос на возраста, најголем број (97,6%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (3).
-Регистрирани се 26 пациенти кои трипати се заразиле со ковид-19 од почетокот на пандемијата, од кои шест во минатата недела. Според податоците на ИЈЗ регистрирани се вкупно 9.078 (3,1 отсто) реинфекции со ковид-19. Од реинфекциите, 16 завршиле со смртен исход, се наведува во извештајот.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60 г. и 40-49 г. (18,9 отсто). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 г. Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај возрасните групи над 20 години, со најзабележително намалување од 31,5 отсто во возрасната група од 20-29 г. Во однос на претходната недела, се забележува зголемување кај возрасните групи од 0-9 г. и од 10-19 години.





