Наскоро при регистрацијата на возилата сопствениците ќе можат да ги стават налепниците со ознаката „НМК“ во случај кога им се потребни. На 5 јуни во Службен весник број 114 е објавен новиот член на изменетиот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на регистерските и на пробните таблици на возилата, кој го подготви МВР. Налепницата „НМК“ ќе се става на сите регистарски таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“ при што ќе биде со идентична димензија како вертикално поставената ознака „МК“.
Дополнително ќе се утврди цената на чинењето на новите налепници, а неофицијално тие ќе може да се набавуваат во станиците за технички преглед во државата. Инаку, обврската за замена на сите регистерски таблички кои не ја содржат ознаката на НМК е најдоцна до 12 февруари 2024 година.
-На сите регистарски таблици кои не ја содржат буквената ознака „МК“, во делот пред регистрационото подрачје се става налепницата на која е испишана националната ознака „НМК“. Налепницата е изработена од рефлектирачка фолија која е отпорна на временските услови и други надворешни влијанија. Формата и големината на налепницата се прикажани со слика во прилогот кој е дел од новиот Правилник, пишува во објавата.
До ова доаѓа откако повеќе од месец дена траеше големото незадоволството на граѓаните откако од МВР пристигна ултиматум дека до февруари идната година сите кои имаат на возилата регистарски таблички со ознака „МК“ мора на свој трошок да ги заменат за нови скапи таблици. МВР тогаш соопшти дека цената што ќе треба да ја платат граѓаните ќе изнесува од 1.400 до 1.500 денари.
Цело време граѓаните преку социјалните мрежи посочуваа дека промената на таблиците е непотребна, омаловажувачка и прескапа и дека треба да се стават поевтини налепници. Се појавија и петиции со кои се укажува дека ниту во самиот Преспански договор со Грција ја нема обврската да се менуваат комплетни регистерски таблички.
По бројни реакции на граѓаните, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави воведување на налепниците.




