„Не молчи, пријави!“ – Градски паркинг со кампања ќе открива неправилности во работењето

Со кампања ќе се подобрува работењето на ЈП „Градски паркинг“ во Скопје. Имено, директорот на претпријатието Бојан Христовски, денеска ја промовираше кампањата под мотото „Не молчи, пријави! Заедно против неправилностите!“ за подобрување на услугите според потребите на корисниците на паркинг-просторот со кој стопанисува претпријатието.

Главната цел на кампањата е охрабрување на граѓаните и корисниците на паркинг-услугите да пријават неправилности во рамки на работењето на претпријатието, како што се: неиздадена фискална сметка, несоодветно однесување на вработен, корупција и сл.

-ЈП ‘Градски паркинг’ нема да толерира несоодветно, неетичко, корумптивно или какво било друго незаконско однесување. Раководството на претпријатието се стреми кон подобрување на услугите, кон поголема транспарентност во работењето, поголема ефикасност и кон зголемување на довербата кај корисниците на услуги. Секое пријавување ќе биде детално проверено и секаде каде што ќе има основ ќе се преземат соодветни мерки за санкционирање, изјави Христовски.

Кампањата се реализира преку делење на информативни флаери и анкети на корисниците на затворените паркинзи и катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“.

Флаерите со мотото „Не молчи, пријави! Заедно против неправилностите!“, со цел подигање на свеста и охрабрување за пријавување на неправилности со кои се соочуваат граѓаните при користење на паркинзите на ниво на градот. Додека, пак, анкетите коишто можат да се најдат на наплатните пунктови, по пополнувањето, сите корисници на паркинг-услугите ќе можат да ги остават во кутија која ќе биде поставена на истото место на сите затворени паркинзи како и катните гаражи.

Претходна вестКакво писмо ќе испратат Пендаровски и Ковачевски до СПЦ?
Следна вестУжасно: Родители ја продале малолетната ќерка на Белгиец за да може сексуално да ја искористува