Темен режим Режим на светлина

Низа пропусти при спроводот на избеганиот Мемети: директорот не бил известен, не седел во обезбедениот дел од возилото, затворскиот полицаец не носел оружје…

Повеќе пропусти при спроводот на избеганиот затвореник Беким Мемети воочила Управата за извршување на санкциите при вонредниот надзор во „Идризово“. Управата за извршување на санкциите на 13.01.2023 година спроведе вонреден стручен надзор во КПД Идризово со цел да се утврдат сите околности кои довеле до тоа да се случи бегството на осуденото лице Беким Мемети. Утврдено е дека во неколку ситуации не е постапено во согласност со Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција врз основа на кој е пропишана и постапката за спроведување вон установата.

-Имено, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, за неговата здравствена состојба мора да се подготви упат од здравствен работник, т.е. лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана. Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба, Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана, се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Следното правило што не е испочитувано е што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, истото по предлог на командирот било сместено во вториот дел на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција. Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен.

-Управата за извршување на санкциите информира дека Командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот со одлука на директорот на КПД Идризово, истиот ден се суспендирани од своите работни места, додаваат од Министерството.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Исламист нападнал црква, најмалку 5 лица загинати

Следна објава

Европа ќе се врати на рускиот гас вели министерот за енергетика на Катар