Висок пораз на македонските ракометари во натпреварот против Русија на светското првенство. Натпреварот заврши со резултат 32 : 20. Слаба игра во одбраната и без убоитост во нападот се главните причини што македонските репрезентативци повторно изгубија со голема гол разлика. Ова е четврти висок пораз на првенството и втор во втората фаза на нашата селекција.
Мечот, практично, беше решен веќе во првото полувреме, уште во првите десетина минути од играта. Руските ракометари веќе на истекот на десетата минута од играта имаа предност од 7:1 благодарение на исклучително слабата одбрана на нашите најдобри ракометари. Нашите репрезентативци делуваа немоќно да ги запрат нападите на Русите, а во нападот немаа идеја ниту пак решителност како серозно да го загрозат рускиот голман Киреев.
Високата разлика се одржуваше и во вторите десетина минути при што во 22-та минута предноста на руската селекција изнесуваше шест голови – 13:7 Руските ракомептари лесно доаѓаа во позиција за шут, како на средината така и од бочните позиции на нашиот шестерец. Нашиот голман Митревски како да беше оставен сам да го брани голот. Во 26 – та минута предноста на нашите ривали беше 16:7 а на крајот на првото полувреме разликата изнесуваше дури десет гола 19 : 9. За одбележување беше што Кире Лазаров воопшто не даде гол во овој дел од играта.
Во второто полувреме само на почетокот нашите репрезентативци малку повеќе запнаа, но потоа како на тренинг ги одработуваа преостанатите минути и немаше кај поголем дел од нив желба да дојдат до чесен пораз. Треба да се забележи дека нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров не играше во вториот дел од натпреварот.
Најмногу голови за Македонија постигна Кузмановски – шест гола. Инаку, до крајот на групната фаза, Македонија задутре треба да одигра само уште еден натпревар со репрезентацијата на Белорусија.