Со победата од 3:0 над Каспер Рудо, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ја освои својата 23. Грен слем титула, избивајќи на чело по долгата трка со Шпанецот Рафаел Надал, кој има 22 и Швајцарецот Роџер Федерер – 20.
Бројот на грен слем турнирите е еден од најголемите аргументи во дебатата за тоа кој ќе биде најдобриот или најголемиот играч светот на тенисот во историјата, пишува српски „Данас“.
– Не сакам да навлегувам во тие дискусии. Ја пишувам сопствената историја, изјави 36-годишниот Ѓоковиќ по титулата која го издвои на листата на вечни шампиони. – Не сакам да кажам дека сум најдобар. Тие разговори ги оставам на некој друг, додаде тој.
Последниве години повеќе пати кажав дека Ѓоковиќ е најдобар на сите времиња, Со оваа титула им докажа на сите кои не веруваа во тоа, изјави за „Би-Би-Си“ на српски Никола Пилиќ, поранешен хрватски тенисер, чија тениска академија ја посетувал Ѓоковиќ како момче.
На прес-конференцијата по финалето во Париз, Ѓоковиќ сепак не сакаше да каже дека е најголем, бидејќи тоа би било „непочитување кон големите шампиони од различни епохи кои играа на различни начини“.
– Секој шампион остави наследство во својата генерација и го отвори патот за сите нас да играме тенис ширум светот. Ваквите дискусии им ги оставам на другите, истакна Ѓоковиќ.
Покрај грен слем титулите, 36-годишниот Ѓоковиќ има и најмногу недели поминати на позицијата број еден, како и подобар скор во директните дуели против најголемите ривали.
Сепак, некои љубители на тенисот (особено од западните земји) веруваат дека бројките и статистиката не можат да ја покажат целосната слика, тие често го наведуваат Роџер Федерер како најдобар тенисер досега, пред се поради елеганцијата со која играл. Швајцарецот е во пензија од 2022 година, додека 37-годишниот Надал има се повеќе проблеми со повреди и нема да игра до крајот на сезоната, а најави и пензионирање.
Во меѓувреме, Ѓоковиќ има можност дополнително да ја зголеми предноста – за само неколку недели почнува Вимблдон, каде што е непоразен во последните пет години.




