Новковска: Пописот мора да се одложи за да се отстрани големиот број на недостатоци

Со Благица Новковска, поранешна дирeкторка на Државниот завод за статистика зборуваме за претстојниот попис на населението и законските решенија кои треба да се применат.

Дали сметате дека со донесените решенија во Законот за попис на населението и со оглед на ситуацијата во општеството во април ќе имаме објективен и валиден попис?

 Сметам дека не се обезбедени неопходните услови за спроведување на објективен попис. Како прво, во време на пандемија не постојат услови за безризично спроведување на пописните активности на теренот, коишто бараат контакти на попишувачите со голем број на граѓани, а покрај тоа и со голем број на други учесници во пописот, предвидени со законот. Донесениот закон со сите нејаснотии, недостатоци, неконзистентности на решенијата, нејасни дефиниции, покажа дека постои неорганизираност, несинхронизираност и ненавремени реакции.

Донесените законски решенија, методологијата… дават ли основа за валиден попис?

 Има многу нејасни решенија и дефиниции во законот и во методологијата. Како прво, со законот како главна единица на попишување се предвидени лицата -државјани на земјата кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјата, без оглед дали во моментот на попишувањето се наоѓаат во земјата или во странство, а не лицата коишто се со вообичаено место на живеење во земјата. Ова е главното изместување од меѓународните препораки. Дадената можност за давање на податоци за отсутните државјани од страна на трети лица, за коишто освен знаењето на ЕМБГ не постои друг формален услов, а пропишаниот описен услов дека сите податоци за отсутните лица може да ги дава „полнолетно лице на кого најмногу му се познати“ само ги засилува сомневањата за нереално вклучување на отселени лица или лица кои се отсутни подолго од 12 месеци  во резидентното население. Toa e противречност самото по себе. Никој не може да негира дека трети лица не можат и не смеаат да даваат одговори за сензитивни прашања од приватен карактер. Ниту законот ниту методологијата не обезбедуваат информација како ќе се обезбедат  одговорите на прашањата за вработените лица кои се отселени: за нивното занимање, дејност каде работат, економскиот статус кој го имаат, примањата кои ги имаат и слично.

Се воведува нова категорија „место на живеење“ покрај меѓународно пропишаните за пописите „вообичаено место на живеење“ и „официјално место на живеење“. Таа нова категорија очигледно има своја употребна „методолошка“ комбинирана намена. Воведувањето на врзан потпис како цврст контролен механизам  помеѓу директорот на ДЗС и неговиот заменик, е индикатор за политичката контрола на секоја постапка. Ова  го дефинира овој попис како политички попис и ја објаснува неконзистентноста на методолошките решенија.

Дали е можно во Македонија да се направи електронски попис?

– За да се направи електронски попис неопходно е да постојат квалитетни, ажурни, детални, целосни, меѓусебно усогласени бази на податоци што треба да ги содржат сите информации за резидентното население. Имаше многу неаргументирани изјави дека во нашата земја во овој момент има такви бази и дека со нив можело да се направи електронски попис. За електронски попис потребен е систем на бази на податоци компатибилни со барањата на пописната методологија. Дали постоечките бази на податоци содржат податок за вообичаено место на живеење на лицата, за семејните релации на лицата, за нерегистираните вработени и невработени , за статусот на инвалидитет на лицата итн?  Одговорот е: не. Истовремено, некои од воспоставените бази кои содржат податоци важни за пописот покажуваат забележителни недостатоци. Така, според податоците од овие бази се добиваат информации дека има многу повеќе доселени отколку отселени лица од земјата, спротивно на податоците од меѓународните институции, како што е Светската Банка и други релевантни институции.

Треба ли пописот да се одложи?

– Пописот мора да се одложи за да се отстрани големиот број на недостатоци и недоследности во Законот и во методологијата, за да се обезбеди целосна усогласеност со меѓународните стандарди и препораки. Тоj процес мора да биде отпочнат веднаш за да биде државата спремна за спроведување на веродостоен попис во април 2022 година. Ако се остане на тоа дека ќе има попишување на лица отселени од земјата, мора во законот и во методологијата јасно да се раздвои делот  за попишување на отселените лица од тој за попишување на резидентното население и да се обезбеди посебен сет за демографски, економски и социјални прашања соодветни за нивниот статус – отселени од земјата. Не смее да се дозволи законско и методолошко комбинирање на овие две категории на население.