Имаме многу објаснувања и ветувања за вакцинирање, ама вакцини немаме

Деновите во февруари полека истекуваат, ветените вакцини од власта кои требаше да стигнат овој месец ги нема. Има уште време додека да пристигне март, ама…

Зошто уште стрепиме дали и кога ќе дојдат вакцините? Зошто Македонија е доведена во ситуација да моли за вакцини, а населението да гледа како сите во Европа се заштитуваат од опасниот вирус, а тие се оставени да чекаат?

Во земјава досега стигнаа само донираните 4680 вакцини од Србија. Со нив започна имунизација на здравствени работници, а за жал започна и злоупотребата и вакцинирањето преку ред. Веќе има таков случај во Охрид.

Владата ни објаснува дека не сакала да трупа залихи на вакцини па потоа да се покажело дека некои не се ефикасни на новите соеви корона вирус. Ова министерот за здравство Венко Филипче, ја објасниваше изјавата на премиерот Зоран Заев да не се доведеме во ситуација да имаме 3 милиони вакцини, а потребни се 2 милиони. Тогаш, зошто сите други држави набавуваат вакцини и го имунизираат населението?

Заев пак вчера повтори дека не сака Владата да троши повеќе од потребното.

-Сме потпишале договори, некаде сме платиле авансно или слично за да ги обезбедиме тие количини. Ако продолжиме да нарачуваме од Спутник, следно е веројатно од АстраЗенека, па нови количини од Фајзер, па нови количини од Синофарм, ќе се затекнеме да имаме 5 милиони вакцини во државата. Тоа е недозволиво заради рационалноста, истакна Заев.

И така, објаснувања многу, вакцини малку или скоро и да немаме. Затоа пак ветувања има во изобилие, сега ни е соопштено дека во март треба да стигнат меѓу 20 и 30 илјади дози од „АстраЗенека“ распоредени од Ковакс системот. Беа предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози, а сега пристигаат само 35%, додека останатите треба да дојдат во вториот квартал од годината. А се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинескиот производител Синофарм. Ги чекаме и 3.320 вакцини од српската донација.

Да се надеваме дека документациите за сите нив ќе бидат во ред. Во меѓувреме населението стрепи, чека, а еден дел и се пријавува за вакцинирање (до сега 95 илјади лица).

Претходна вестНовковска: Пописот мора да се одложи за да се отстрани големиот број на недостатоци
Следна вест382 санкции за неносење маска во текот на изминатото деноноќие