Поминување на црвено светло и возење со недозволена брзина се основи за покренување на истражна кривична постапка против двајца возачи кои учествувале во тешка сообраќајна несреќа што неодамна се случила во скопски Бутал, а во која загина 25-годишен пешак. ОЈО донесе наредба за споведување на постапката врз основа на пријавата добиена од МВР. За едниот возач има основано сомнение дека сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за него е доставен предлог за определување мерка куќен притвор. За другиот возач е поведена постапка за кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, кое се гони по скратена постапка и за него се предложени мерки на претпазливост.
Во сообраќајната незгода загина Мусли Весели, кој имаше 25 години и поминуваше улица.
-На 31 јули, првиот осомничен, 41-годишен македонски државјанин, со престојувалиште во Италија, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот на луѓето. Тој, по левата сообраќајна лента од булеварот Словенија во Скопје, во насока од запад кон исток, управувал автомобил „мерцедес“, со италијански регистарски ознаки, па кога пристигнал пред крстосницата со булеварите „Македонско-косовска бригада“ и „Босна и Херцеговина“, на која сообраќајот бил регулиран со семафор, постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и преку надолжната полна линија вршел обиколување на запрено возило. Потоа продолжил со движење и навлегол во крстосницата свртувајќи во лево на запалено црвено светло на семафорот, се наведува во соопштението.
Се додава дека возачот, притоа, не го пропуштил возилото „мерцедес“, со скопски регистарски ознаки, кое се движело од спротивната насока по булеварот „Босна и Херцеговина“, управувано од другиот осомничен, 39-годишен македонски државјанин, и на крстосницата на зелено светло го задржувало правецот на движење, но без притоа да ја приспособи брзината на движење кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Како резултат на тоа, дошло до судар на двете возила, па автомобилот управуван од вториот осомничен излегол надвор од коловозот на пешачкиот разделен остров на северозападната страна од крстосницата и со десниот страничен дел удрил во телото од еден пешак.
-Веднаш потоа, возилото, управувано од вториот осомничен, продолжило со движење нанапред и во десно и со предниот дел удрило во метален столб од семафор, продолжило со движење во десно и повторно удрило во бетонски столб, бетонски ѕид и бетонска ограда од дворното место на ресторан, наведува ОЈО
Од ударот оштетениот пешак добил тешки телесни повреди и бил пренесен на Ургентниот центар при комплекс клиникитер „Мајка Тереза“, каде што починал. Тешки телесни повреди добила и сопатничката во возилото на второосомничениот“, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител, освен мерката куќен притвор, за првиот осомничен предложи и привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола. За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост – обврска тој повремено да му се јавува на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање и привремено одземање на возачката дозвола, односно забрана за нејзино издавање.
Фото: Макфакс





