Од 25-ти јуни можеме во Германија, но само вакцинирани

Од 25 јуни германската влада ќе им дозволи на патниците надвор од ЕУ кои ги примиле две дози на вакцина против ковид-19 да влезат во државата, соопшти германското Министерство за внатрешни работи.

Од тој датум, тие ќе можат да влезат во земјата најрано 14 дена по приемот на втората доза.

Патниците можат да влезат во Германија или како туристи, или да ги посетат семејството и пријателите.

Услов за влез е, сепак, да биле вакцинирани со една од вакцините наведени на веб-страницата на Институтот Пол Ерлих каде во моментов, признати се само оние вакцини одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА).

Другите вакцини кои нудат слично ниво на заштита ќе бидат додадени на списокот веднаш штом ќе бидат завршени потребните проценки, се вели на веб-страницата на Министерството.

Амбасадорите на ЕУ пред два дена се согласија дека за Македонија, Албанија и Србија треба да се укинат рестрикциите за несуштински патувања, одлуката треба да биде официјализирана во следните денови.

Одлуката сега треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи на сила, најверојатно во петок. Прашањето е техничко и не би требало да покрене каков било политички проблем.

Останува дека и за несуштински патувања, лицата од овие три земји треба да бидат или целосно вакцинирани со вакцина одобрена од страна на ЕУ или на Светската здравствена организација, или да приложат негативен ПЦР тест.

На почетокот на пандемијата, сите земји на ЕУ, освен Ирска, забранија несуштинско патување, освен во одредени околности. Државите што не се членки на ЕУ, Норвешка, Лихтенштајн, Швајцарија и Исланд, исто така учествуваа во забраната за влез.

Претходна вестВо јули почнува да се снима нов филм на Милчо Манчевски
Следна вестВикендов Србија ќе не вакцинира и ревакцинира