Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави можност за ликвидација на новиот ирански лидер, испраќајќи остра порака до раководството во Техеран во услови на зголемени тензии на Блискиот Исток.
Во изјава за медиумите, Нетанјаху порача дека Израел нема да им обезбедува „полиси за животно осигурување“ на лидерите на, како што ги нарече, терористичките режими и нивните сојузници. Со тоа индиректно предупреди дека иранските лидери би можеле да бидат цел на израелските операции.
Тој нагласи дека израелските акции ќе продолжат сè додека не се елиминира заканата што, според него, Иран ја претставува преку својата нуклеарна програма и преку поддршката на вооружени групи во регионот.
Нетанјаху посочи дека Израел веќе им задава силни удари на сојузниците на Техеран, вклучително и либанската организација Хезболах, и предупреди дека тие ќе продолжат да плаќаат „тешка цена“ за, како што рече, агресијата против Израел.
Неговите изјави доаѓаат во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, при што постои стравување дека конфликтот меѓу Израел и Иран може дополнително да ескалира и да ја дестабилизира ситуацијата во регионот.





