Штом нема што да покажат дека сработиле, политичарите во Македонија обично споменуваат – реформи. Демек ќе прават – реформи.
Најново споменување на зборот „реформи“ е во областа – администација. Армијата на државни административци и на вработени во јавниот сектор којашто лани броеше 132.088 вработени во 1.346 институции сега ја чекало нова реформа. Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити денеска најави дека сега се планира деполитизација на администрацијата.
-Со Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници сакаме администрацијата да ја деполитизираме и да ја направиме потранспарентна и поефикасна во давање на услуги за граѓаните и со новите законски решенија нема да може да се злоупотреби алатката балансер, изјави тој на денешната јавна расправа за овие два закони организирана од МИОА.
Тој најави дека кандидатот кој ќе аплицира за одредена работа, откако еднаш ќе селектира националност Македонец, Албанец, Турчин или друга националност, истата нема да може да ја промени, како што е ситуацијата со ЕМБГ, што не може да се промени. Тој напомена дека ќе се воведат одредени реформи во администрацијата, бидејќи како што рече, во постоечката законска рамка има таков вакум што им дава можност на политичките партии да вработуваат нивни послушници.
– Постојат ситуации каде без тестирања и без соодветни документи можеа да се вработат лица во јавен сектор. Тоа ние сега сакаме да го коригираме. Доколку ги видите членовите од законите сега, ќе видите дека и процесот на вработување сега е многу потранспарентен и навистина има мерит систем при вработувањето, додаде Алити.
Како ќе се спроведува оваа реформа останува да се види. Од Синдикатото на УПОЗ веќе најавија дека ако се сака департизација тогаш мора прво да се донесе Законот за високо раководна служба.
– Не се проблем вработените, туку проблем се менаџерите, односно политичките партии, кои сами си вработуваат луѓе, кои сами носат одлуки без да се консултираат со друг. На партиите не им одговара стручни квалификувани лица да бидат на високо раководни позиции. Секогаш сакаат од нивна партија да има политички директори или државни секретари, изјави денеска претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
И така, ќе почекаме да видиме што реформа ќе изведат. Ова не е прва најава за промени во администрацијата од која не се задоволни граѓаните.
Прво се најавуваше нејзино значително намалување. Поранешниот премиер Зоран Заев пред две говини најави дека таа ќе се намали за 20 проценти и дека во администрација ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните. Но, тоа не се случи. Потоа, тогашниот министер Дамјан Манчевски најавуваше трансфер на вработените од јавен во приватен сектор и за што биле разработени пет различни модели. Но и од тоа немаше ништо. А во меѓувреме, бројот на вработените административци постојано растеше од 105.000 во 2005 година на 132.088 лани.
Лани дури, Владата на јавна расправа испрати и предлог на закон со кој администрацијата во петок би работела само четири часа, но што најде на револт во јавноста…
На ред сега доаѓа новата реформа, на администрацијата која нон-стоп ја реформираат.




