Пак подебелиот крај за децата: Царовска ги прати таблети да си бараат од училиштата, а тие им велат: „немаме, толку ни дадоа“!

Министерката за образование, Мила Царовска, пред да ја воведе реформската концепција, непрестајно повторуваше дека ниедно од децата во четврто одделение нема да остане без учебник. Дигитализација, велеше Царовска, не подразбира исчезнување на учебниците, „учебници ќе има за сите“, за секое дете – тврдеше таа до пред почетокот на оваа учебна година. За сите поинакви информации кои ги споделуваа новинарите и родителите тогаш – Царовска велеше дека се лажни вести.

Но, откако е почната учебната година на секое новинарско прашање зошто нема учебници како што цврсто велше, Царовска одговара нервозно, сега тврдејќи дека родителите се тие што треба да ги тераат децата да учат од дигитални учебници, а ако немаат таблет, односно конкретен електронски уред, да си бараат од училиштата.
-Во министерството имаме на располагање и таблети. Родителите да си бараат таблет и да го посочуваат и мотивираат ученикот да го користи дигиталниот учебник затоа што таму има содржина која што ќе му даде можност да истражува, да решава квизови и сето тоа во интерес на учењето, рече Царовска на вчерашното интервју за „Сител“.

По овие нејзини изјави, до „Скопско ехо“ стигнаа реакции од родители од неколку основни училишта во Скопје. Родителите бараат од Царовска да излезе и да каже во кое основно училиште има доволен број на таблети за четвртодделенците?
-Не постои основно училиште во Скопје во кое има таблети за сите! Наставниците велат „немаме, толку ни дадоа“, останатите пак деца не се снаоѓаат со дигитални учебници, бидејќи и самите наставници не знаат како да им ги доближат, реагираат родителите до „Скопско ехо“.

Ако навистина е вака како што министерката изјавува, тогаш зошто се реакциите на родителите? Ако тие грешат а Царовска е во право, тогаш министерството треба да извади листа од сите училишта во Македонија со анализа на број на четвртодделенци и број на снабдени таблети. Тогаш точно ќе знаеме дали Царовска ја зборува вистината и зошто нема таблет за секој ученик во четврто одделение.

Претходна вестСкопјанец ограбил казино
Следна вестБалетската претстава „Ла, ла, ла…!“ утре во МОБ