Темен режим Режим на светлина

Пендаровски му одговори на Радев: Лага е дека во Македонија имало логори

Тврдењето дека на територијата на Македонија имало логори во кои наводно се убиени 10.000 луѓе е лага и гола конструкција за политички цели, изјави денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски. Ваквата изјава Пендаровски ја даде одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со претседателот на Латвија, Егилс Левиц кој е во посета на Македонија. Пендаровски се осврна на денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев кој рече дека во Македонија по Втората светска војна биле убиени десетици илјади граѓани коишто се нарекувале Бугари.

-Не постои ниту еден релевантен историски извор кој ќе потврди дека 10 000 луѓе биле убиени во логори во Македонија во тоа време. Ниту еден извор, ни во бугарската, ни во македонската ни во светската историографија. Нешто што може да влезе во дефиницијата на концлогари во времето на поранешна Југославија постои само на Голи оток, денешна Хрватска. На територијата на Македонија никогаш немало концлогори, ниту тогаш ниту денес. Бројката од 10.000 наводно убиени е лага. Практично гола конструкција за политички цели, рече Пендаровски.

Румен Радев, во контекст на отворањето на Културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, денеска пред новинарите во Софија објаснуваше што е фашизам, ама и дека Михајлов не бил фашист.

-Ако зборуваме за фашизам, треба да биде јасно дека Иван Михајлов е човекот кој што го одби Хитлер да ја вовлече Македонија во братоубиствена војна со Бугарија. Не беше Иван Михајлов туку други луѓе кои по воспоставувањето на југословенската диктатура во Македонија испратија и убија десетици илјади во концентрациони логори само затоа што решиле да продолжат да се нарекуваат Бугари. Ете тоа е вистински фашизам, изјавил Радев.

Врзано со личноста на Ванчо Михајлов, Пендаровски потенцира дека има потврдени историски факти дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер.

-Постојат потврдени историски факти и избори кои не ги спори ниту бугарската историографија дека Ванчо Михајлов бил соработник на Хитлер. Во 1944 година по негова директна инструкција доаѓа во Скопје во обид да воспостави независна македонска држава. Откако не добива поддршка од локалното население рапортира назад до неговиот шеф во Берлин дека тоа не е возможно и само тоа е доволно да го прави фашист или нацист. Во однос на квалификациите дали нацистите морале да убиваат луѓе за да бидат нацисти, не морале. Ако си следбеник на таа идеологија ти си нацист. Ако ја користиш, како во неговиот случај, за остварување на сопствени политички цели, пак си нацист. Во спротивно би зборувале за воен злосторник, за убиец итн. Не велиме дека бил тоа, но неспорно бил следбеник и корисник на услугите на фашистичкиот режим во Берлин во тоа време, порача Пендаровски.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Ковачевски: Следната недела ќе се знаат идните чекори во врска со здружението „Ванчо Михајлов“

Следна објава

По дваесетина години култната сала „Партизан“ дочека да и почне реконструкцијата