Пендаровски не се мислеше многу: Одлучив да го потпишам Указот за измените на Кривичниот законик, со нив не е предвидена амнестија

И покрај многуте негодувања во јавноста по набрзинка направените измени на Кривичниот законик, шефот на државата Стево Пендаровски денеска одлучи да го потпише Указот за негово прогласување.

До ова доаѓа откако вчера попладне во македонското Собрание експресно беа усвоени измените кои предизвикаа многу реакции меѓу граѓаните на Македонија. Повеќе граѓански организации денеска побараа Пендаровски да не го потпишува Указот бидејќи измените ќе предизвикаат непоправливи последици во борбата против организираниот криминал и корупција и ќе го декриминализираат високиот криминал кој во последниве две децении го сториле високи функционери. Јавноста стави до знаење дека со ова власта всушност прави амнестија на институционалниот криминал.

Но, од претседателскиот Кабинет наведуваат дека шефот на државата смета дека со нив не е предвидена амнестија.

-Со измените во Кривичниот законик, усвоени од Собранието, не е предвидена амнестија за кривичните дела сторени во вршење на службата. Напротив, казни и понатаму се предвидени за сторителите на тие дела, со тоа што со овие измени акцентот е ставен и на т.н. проширена конфискација на имот. Во тој дел, измените на Законикот се усогласени со европската Директива за замрзнување и конфискација на предмети и имотна корист, која освен казната затвор, фокусот го става на одземањето на имотната корист од сторителите на овие кривични дела, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека претседателот Пендаровски очекува ефикасна примена.

-Мерката проширена конфискација на имот да не остане само на хартија како што е досега, туку многу почесто да бидепри менувана во пракса и во сите случаи на констатирани злоупотреби во вршењето на службата, незаконски стекнатата имотна корист и злоупотребените средства да бидат вратени во буџетот, се наведува во соопштението.

Инаку, граѓаните на социјалните мрежи ги прашуваа политичарите од власта прашања од ваков тип: како е можно за крадење на 30 ќебапи да се предвиди казна од 10 години затвор, а за крадење на 30 милиони евра државни пари казната да е 3 години затвор?

Претходна вестНаучниците создадоа модел на човечки ембрион без јајце клетки и сперма
Следна вестМладо момче уценило малолетничка да му испрати експлицитни фотографии, па ги споделувало