Темен режим Режим на светлина

По гранатирање руските сили ја презедоа контролата врз нуклеарката во Запорожје, преговорите ќе имаат и трета рунда

Воените дејствија во Украина влегуваат во нов ден. По борбите со украинските сили, извршеното гранатирање и пожарoт во објект за обука, руските воени сили денеска ја презеле контрола врз нуклеарната централа Запорожје која е најголема во Европа.

Агенцијата „Ројтерс„ повикувајќи се на регионална украинска државна администрација објави дека руските единици ја зазеле нуклеарката.

-Оперативниот персонал ја следи состојбата на енергетските единици, се вели на социјалните мрежи, цитирајќи го украинскиот нуклеарен инспекторат.

Украина соопшти дека руските сили ја нападнале централата во раните утрински часови во петокот, при што бил запален соседниот објект за обука на пет ката.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека нема промени во пријавените нивоа на радијација и дека пожарот не ја зафатил основната опрема на нуклеарната централа Запорожје.

Американскиот секретар за енергетика Џенифер Гранхолм рече дека САД го активирале својот тим за одговор на нуклеарни инциденти и го следат развојот на настаните во договор со Министерството за одбрана, Нуклеарната регулаторна комисија на САД и Белата куќа.

-Реакторите на електраната безбедно се исклучуваат. Руските воени операции во близина на фабриката се непромислени и мора да престанат, нагласи Гранхолм.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски испрати уште еден апел за помош до Европа по овој напад.

-Ги предупредуваме сите дека ниту една земја досега не гранатирала нуклеарна централа, рече Зеленски.

Светските лидери ја обвинија Русија за загрозување на безбедноста на целиот континент. Британскиот премиер, Борис Џонсон, нападот го нарече „неодговорен“ додавајќи дека претставува „директна закана за сигурноста на цела Европа“. Американскиот претседател, Џо Бајден, повика итно да престанат сите воени активности во близина на локацијата.

Инаку, втората рунда од мировните преговори меѓу украинската и руската делегација што се одржа вчера попладне во близина на градот Брест во Белорусија, на границата со Полска, која започна со ракување на двете делеации, не завршила позитивно за украинската страна, но најавена е и трета рунда на мировниот дијалог.

-Украина не ги добила резултатите на кои сметале, изјави Михајило Подољак, советник на шефот на кабинетот на Зеленски.

Двете страни се договориле за голем број хуманитарни прашања, вклучувајќи ја и можноста за привремен прекин на огнот за организирање хуманитарни коридори, односно за заедничка безбедност на хуманитарните коридори за евакуација на цивилите.

Во меѓувреме, продолжија воените конфронтации. Најмалку триесет и три лица загинале денеска во руски напад во северниот украински град Чернигов, соопшти украинската служба за спасување.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко вчера изјави дека ситуацијата во градот е тешка, но, под контрола.

-Изминатата ноќ немало жртви, а ноќните експлозии биле од украинската противвоздушна одбрана, што ги гаѓала руските ракети, рече тој.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Неколку скопски улици денеска без вода

Неколку скопски улици денеска без вода

Следна објава
Бислимоски се повлече од функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Бислимовски: Обвинителството ќе истражува кои бензински пумпи сакаа да бидат воени профитери