Неканонското укинување на Охридската Архиепископија во 1767 година од тогашниот турски султан Мустафа Трети, по барање на Цариградската патријаршија, бил тежок удар за македонскиот народ. Но, стремежите и борбата за нејзиното возобновување меѓу православните христијани од македонските краишта никогаш не згаснале.
Генераци и генерации македонски револуционери, просветители и духовници работеа и се бореа за тоа во тогашните тешки општествени услови во кои се менуваа завојувачите на Македонија. Сепак, и тој пат имаше свој крај, односно, свој почеток на воскреснувањето и на возобновувањето на Охридската Архиепоскопија. А тоа се врзува за одржувањето на првиот Црковно-народен собор во ослободена Македонија, кој започна на денешен ден, пред 79 години, на 4 март 1945 година во Скопје.
Тоа е период кој следува по црковната власт којашто Српската православна црква ја имала во Македонија до 1941 година, како и власта на Бугарската православна црква која дошла тука заедно со окупаторска бугарска војска. Отакако со многу жртви е освоена слобода, новата македонска народна власт, почнала да го остварува она што било и ветено кога се кревало востанието против фашистичките окупатори – македонски народ да добие своја црква.
Така, на 4 и 5 март, колку што траел Соборот, во присуство на над триста делегати, свештеници, претставници на народната власт и на Народниот фронт, делегатите автентично го искажале расположението на македонскиот народ од сите краишта на слободна Македонија за создавање на Македонска православна црква преку обнова на старата Охридска архиепископија која во 1767 година незаконски била укината.
Откако бил прочитан реферат за улогата на Охридската архиепископија во историјата на македонскиот народ и биле ислушани дискусиите на бројни дискутанти, Соборот донел едногласна Резолуција за идната црковна положба во слободниот дел на Македонија. Главни одлуки во неа беа следните:
о Македонскиот православен народ, преку своите избрани делегати од сите духовни околии во Македонија, решава да се возобнови Охридската архиепископија како Македонска самостојна црква и да не биде потчинета ни на која друга помесна национална православна црква;
о Решава да има свој народен епископат и свое народно свештенство кое ќе биде гаранција дека нашиот народ ќе си ги запази карактерните особености и ќе биде поблизок до својата родна Црква;
о Решава на возобновената Охридска архиепископија, првиот македонски епископ да носи титула Архиепископ Охридски, а нашата православна црква да се вика „Свети Климентова Охридска Архиепископија“;
о Решава, избраната делегација да ги посети сите сестрински цркви, или писмено да ги извести и да биде толкувател пред нив на соборското решение и сенародната желба на православните Македонци и да издејствува признание од сите православни цркви, решението да ни добие канонска потврда, и да биде во најскоро време во дело по патот на црковните канони и во духот на утврдената црковна традиција;
о По свршувањето на таа работа, предлагаме делегацијата да покани гости епископи од други православни цркви, а ние да бидеме свикани на второто заседание за избор на кандидати за наши народни владици, кои ќе бидат хиротонисани од гостите епископи;
о Првиот меѓу нашите епископи сакаме да биде на торжествен начин устоличен во градот Охрид, на престолот на Охридската архиепископија;
о Кога ќе се создаде Југословенска православна црква – Патријаршија и нашата Македонска православна црква ќе влезе во нејзиниот состав како другите православни цркви во Федеративна Југославија“.
Но, ваквите одлуки не нашле на добар прием кај Српската православна црква. Таа во септември 1945 година, на заседанието на својот Архијерејски синод, се изјаснила дека не може да ја признае самостојноста и независноста на Македонската православна црква, тврдејќи дека таа сè уште има јурисдикција на епархиите во Македонија. Таа го повикала православниот македонски народ да се врати на состојбата меѓу двете светски војни и покрај тоа што црковната јурисдикција на Српската православна црква врз Македонија престанала на 6 април 1941 со Одлука бр. 1279 и Пов., 81. запис. 471. Меѓутоа, тоа македонскиот народ веќе не можел да го прифати бидејќи тргнал по патот да си добие своја црква, а кој подоцна се покажа како многу тежок но единствен и кој во 2022 година доведе МПЦ-ОА да биде признаена како црква.