По градинките во Центар поскапе и паркирањето. ЈП „Паркинзи на општина Центар“ ги објави новите цени за месечните билети, дневните припејд карти, пајакот и за дел од услугите за станарите.
Според новата одлука донесена на последната седница на Советот на Општина Центар, станарите за второ возило наместо 250 денари, ќе плаќаат 500 денари месечно, а за трето возило цената од 1.200 денари се зголемува на 1.500 денари месечно.
Промени има во цените кај зонското комерцијално паркирање во зоните 1 и 2 во делот на дневните карти, кои поскапуваат за 100 денари, односно од 300 на 400 денари, дневните припејд карти поскапуваат за 200 денари. Поскапува и месечната мобилна бизнис карта, која ја користат правните субјекти од 2.000 на 2.500 денари.
За вработените во деловните субјекти со седиште во опфат на некое од јавните паркиралишта со кои стопанисува претпријатието, цената се зголемува од 2.000 на 3.000 денари. За службените возила на правните субјекти на паркиралиштата од затворен тип месечната карта ќе изнесува 4.000 денари.
Поскапува и пајакот поскапува за 500 денари, па така за подигнат автомобил ќе се плаќа 4.000 денари.




