Православата црквата на Чешките земји и на Словачка ја призна МПЦ ‒ ОА, соопшти вчера попладне Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во соопштението објавено на ингтернет страницата на МПЦ-ОА се наведува дека тоа се случило на седницата на Синодот на Православната црква на Чешките земји и на Словачка одржана на 7 февруари.
-Синодот ги разгледа и ги прифати одлуките на Вселенската Патријаршија за враќање на нашата Света Црква во евхаристиско општење со сеправославната екумена и на Српската Патријаршија за доделување на автокефален статус на нашата Македонска Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, се наведува на официјалната страница на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Од одлуката произлегува дека Православната црква на Чешка и на Словачка одлучи да воспостави канонско општење со МПЦ-ОА. Но, од одлуката објава останува нејасно дали таа ја признава и автокефалноста на МПЦ-ОА.
Инаку, во соопштението на Синодот на Православната црква на Чешка и на Словачка се наведува следното:
– Светиот Синод ги разгледа и писмата на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за возобновувањето на евхаристиската заедница со епархиите во Северна Македонија, како и писмата на Српскиот Патријарх Порфириј за реинтеграцијата на Црквата во Северна Македонија во канонската структура на СПЦ и за доделувањето автокефалност на Православната Црква во Северна Македонија со патријаршиски и синодален Томос од 20 мај 2022 година. Овие канонски одлуки на сестринските Православни Цркви беа прифатени со благодарност на Бога за надминување на долгогодишниот раскол.





