Проф. Чепреганов: Џабе имаше јавна расправа, ќе добиеме октроирана-Франкештајнска реформа за основно образование

Начинот на кој што беше утврдена Концепцијата за основното образование и повикот за изработка на наставните програми покажува дека целата јавна расправа беше само формална и дека она што се планираше сега и се прави од страна на одредена анационална политичка структура која по се изгледа има одредена агенда за разнебитување на идентитеските столбови на македонскиот народ, смета историчарот и универзитетски професор, Тодор Чепреганов. За „Скопско ехо“ тој ја коментира сегашната фаза на промените кои се прават во образованието.

Дали прифатената Концепција за основно образование и повикот за изработка на наставни програми се вистински одраз на она што се случуваше во текот на јавната расправа? Дали МОН, вусшност, тивко си го турка својот концепт кој од почеток беше замислен?

– Во држава која целосно е партократизирана секоја јавна расправа уште на самиот старт е осудена на неуспех. Покажувањето од страна на МОН дека е заинтересирана за дебата, по веќе донесената концепција за основното образование, беше повеќе обид да се покаже „демократија“ и транспарентност да ги слушне сите компетентни страни. И што се случи?!. Онаа народната „се тресеше планината се роди глувче“. Неколку месеци имавме реакции од: МАНУ, Унивезитети, факултети, научни институции и поединци кои укажуваа на сите аномалии кои ги носи новата Концепција за основно образование, а едновремено даваа и свои сугестии што и како треба да се направи за истата да се подобри. Се укажуваше дека е погубно Историјата да биде само на маргините на општествените науки. Дека таквата замисла е насочена кон бришење на колективната меморија на македонскиот народ. Многу реакции, многу изгубено време на институциите и поединци. И на крајот од министерката стигна само една благодарност за сите кои зеле учество во дебатата. Формата на партократијата беше задоволена на „демократски“ и „транспарентен“ начин. Сите добри намери на институциите и поединци во кош, а замислената идеја за реализација на Концептот продолжуваат со несмалено темпо. Само уште еден доказ дека живееме во партократија, а демократијата е нешто што е мислена именка во хибридни режими.

 Што, според Вас, треба да се прави во овој период во однос на реформите во основното образование. Дали до септември може да се подготви квалитетна наставна програма и настава за прво и четврто одделение?

– Сигурно дека се потребни реформи во основното образование. Реформи кои ќе бидат насочени кон подобрување на образованието. За тоа се согласни сите. Меѓутоа, процесот на реформи е долг и во него треба да бидат вклучени сите компетентни институции кои со своите идеи ќе придонесат да се донесат реформи кои ќе бидат подржани од поголемиот дел и ќе бидат во интерес на учениците. За жал, во хибриден режим како македонскиот МОН се одлучи на донесување на еден октроиран Концепт за основно образование, кој како што се виде има голем број недостатоци, наместо тоа да беше направено по сите педагошко образовни стандарди.

Бидејќи концептот е октроиран таква ќе биде и  наставната програма, октроирана-Франкештајнска. Ќе се ангажираат партиски кадри кои ќе направат наставна програма по теркот на Концепцијата, ќе бидат задоволени суетите на одредена анационална политичка структура која по се изгледа има одредена агенда за разнебитување на идентитеските столбови на македонскиот народ. Штетата за сите ќе биде огромна. Ќе излезат генерации кои сигурно ќе лутаат во времето и просторот барајќи се самите себе си низ лавиринтите на стокмената партократска историја без да знаат кои се, што се и од каде се…

Претходна вестСончево со облаци и повремен засилен ветер
Следна вестСкопска сообраќајна култура: Возат и телефонираат, некаде брзаат…