Ракометната репрезентација на Македонија не се покажа во светлото кое се очекуваше од нив на Светското првенство во Полска. Сепак матичната федерацијата и дава целосна поддршка на репрезентативците која претрпеа два пораза во првите две кола на првенството.
– Со седум дебитанти на теренот и еден од најмладите национални тимови на мундијалот, тешко се носевме со двата противника во групата. Поразите болат и навистина ни е жал што до сега не ја израдувавме бројната фаланга во Краков. Уште еднаш, огромна благодарност за нашиот осми играч, стои во соопштението на РФМ.
Од федерацијата им се заблагодаруваат на сите македонски навивачи кои дојдоа во Краков да ги бодрат „црвено-жолтите“ и нагласуваат дека тешко е за сите, особено за оние кои се на првите борбени линии, а сензационалистички наслови и поединечни статуси на социјалните мрежи, никому нема да донесат добро.





